06/07/2016
На 6 јули 2016 година, во вечерните часови во новиот амфитеатар со прекрасен поглед на градот Ресен беше отворен 14. Меѓународен театарски фестивал, овој пат насловен „Езеро без граници – Грција, Македонија, Албанија“.
Церемонијата започна со прогласување на познатиот романски актер и режисер Јон Карамитру за актер на Европа и почесен доктор на Универзитетот за аудиовизуелни уметности, ЕФТА, Скопје. Наградата му ја врачи основачот на фестивалот, Јордан Плевнеш, а манифестацијата ја прогласи за отворена градоначалникот на општина Ресен, д-р Ѓоко Стрезовски. Свои настапи имаа и трите елитни актери Мето Јовановски од Македонија, Димитри Оргоцки од Албанија и Криса Јоаниду од Грција. Така трите јазици на езерото Преспа културно ја зближуваат европска Македонија со светот. Вреди да се спомене дека беседи имаа и абмасадорите на Шпанија и Црна Гора во Македонија, после проекцијата на документарниот филм на Јон Карамитру.
„Мобилност Битола“ на овој фестивал беше претставена во најдобро светло преку своите членови од Ресен и од Битола – режисерот Сотир Чаушевски и поетесата Биљана Тодоровска со адаптација на текст од Петре М. Андреевски. Имено, текстот „Сите лица на смртта“ е преточен во „Умирам пеејќи, Наум Манивилов - Преспански“, кој го исполнува неговата сестра после неговата трагична смрт.Монодрамата со силен емотивен набој беше во изведба на одличната Марија Кондовска како Веса и Никола Источки како „сенката“ Наум Манивилов – Преспански.