07/07/2016

Трибина во МКЦ за пристапност на лицата со телесна инвалидност

На 7 јули 2016 година, во организација на „Контра кадар“ и „Мобилност Битола“ се одржа трибина на тема пристапност на лицата со телесна инвалидност. На настанот зборуваше претседателот на „Мобилност Битола“, прим. д-р Нико Јанков, а беше прикажан и документарен филм со силна емотивна приказна за двајца млади, од кои девојката е со спастична церебрална парализа и го отсликува секојдневието и нивните впечатоци од минатото и сегашноста, надежите и перспективите за животот и работата, реалноста на опкружувањето и односот на средината, а најмногу врзан за пристапноста како прв и основен предуслов за мобилност.
После проекциите, модераторот Ѓорѓи Пулевски заедно со претседателот на „Мобилност Битола“ имаа богата и плодна дискусија со присутните, меѓу кои имаше и повеќе членови од нашето здружение. Сите дискусии беа презентирани на соодветен начин и го збогатија сознанието на присутните за проблемите на лицата со телесна инвалидност. Овој начин на комуникација е од витален интерес за подобро презентирање на статутарните и програмски цели на „Мобилност Битола“ и „Мобилност Македонија“, па се надеваме дека ваквите настани ќе бидат уште почести во иднина.