19/03/2017

Активности на „Мобилност Битола“

После Нова година, студенилата на месец јануари речиси ги замреа активностите на нашето здружение, но не сосема. Имено, во изминатиов период се вршеа биланси на активностите во минатата година и предизвиците што нè очекуваат во новава. Кон средината на јануари, во Скопје се одржа состанок со проектниот менаџер на Центарот за соработка и развој при Министерството за надворешни работи на Израел, Амир Гоичман и „Мобилност Македонија“, а на почетокот на февруари дојде и апликацијата за соработка, за која ќе се изјаснат Управниот одбор и Собранието.
Деновиве аплициравме и за повикот од делегацијата на Европската Унија преку Министерството за труд и социјална политика, која беше одобрена. Имено, се работи за проект за лична асистенција кај лица со телесна инвалидност, а потпишувањето се очекува да биде во март. Сите сумирања на резултатите од минатата година се направени на Управниот одбор, кој ги одобри и даде предлог за прифаќање на Собранието. После подготовките и известувањата за редовното годишно Собрание на „Мобилност Битола“ за изминатата 2016 година, истото се одржа на 19 февруари во ресторанот „Корзо“ во Битола, каде што се сумираа 44 настани со неколку работилници, конференции, ТВ излагања, претстави, излети, семинари и организирање на разни други активности.
Ова беше верифицирање на еден успешен тренд на позитивни активности, со кои „Мобилност Битола“ се етаблира како едно од најактивните и најуспешни здруженија. Континуитетот и јакнењето на капацитетите на членството се императив за постигнување успех во зацртаните планови во програмата и стратешките насоки на делување. Продолжуваме понатаму.