11/03/2017

„Мобилност Битола“ во маршот на животот

                Настани кои не можат да се заборават и остануваат како трајна меморија се минато, сегашност и иднина на нашето постоење. Нашиот град има повеќе болни сеќавања кои оставиле трајни белези. После опустошеноста и разорувањата во Првата светска војна, Втората остави уште една голема рана – масовната депортација на битолските Евреи во 1943 година. Со тој геноциден чин се збриша петвековното постоење на еврејската култура, традиција со сето материјално и духовно богатство.
Со нашите сограѓани нашите претци ги делеле и доброто и лошото во еден прекрасен соживот и заеднички цели. Сето тоа престана во еден миг, на 11 март 1943 година, кога фашистичкиот окупатор ги депортираше нашите сограѓани во Треблинка, од каде никој не се врати... Три илјади души и исто толку судбини згаснаа во тој миг. Оттогаш, повеќе од 70 години Битола го чествува овој настан.
Оваа година, „Мобилност Битола“, како дел од граѓанскиот сектор, заедно со Црвен крст – Битола, ЗУР „Македонски ракотворби“ – Битола, АРХАМ – Битола и Центарот за културна деконтаминација, имаше привилегија и чест да биде еден од организаторите на оваа манифестација насловена „Марш на животот: 11 март 1943 – НИКОГАШ ПОВТОРНО!“. Настанот, кој се одржа на 9 март, имаше богата програма, вклучувајќи го и официјалното преименување на Домот за народно здравје по нашиот некогашен сограѓанин, д-р Хаим Абраванел.
На самиот почеток, пред Домот за народно здравје, каде што некогаш се наоѓаше синагогата „Арагон“, а денеска стои споменик на жртвите од Холокаустот и народниот херој Естреја Овадија Мара, беа положени цвеќиња од претставници на локалната самоуправа, амбасадорот на Израел во Р. Македонија, НЕ Дан Оријан и голема делегација на млади од Израел и Германија. Потоа, огромниот број присутни го започнаа маршот на животот, од Домот за народно здравје „Д-р Хаим Абраванел“, преку Широк сокак и низ градскиот парк, каде што сè уште стојат столбови од некогашната синагога „Португал Кахал“, сè до железничката станица, каде беа положени цвеќиња на самата пруга.
Понатаму следеа уште неколку настани, меѓу кои изложбата на фотографии „Ерусалим се сеќава на Битола“, како и презентација на АРХАМ – Асоцијација за одржлив урбан развој, архитектура и амбиент за меморијалниот парк на Евреите од Монастир/Битола.