18/06/2017
Како да беше вчера, а изминаа 30 години. Да, цели три децении во барање на патеки кон подобро утре за лицата со инвалидност. Патеки кои беа стрмни и кривулести, но достижни, со трпение и докажување. Ентузијазмот никогаш не нè напуштил и е ист како порано. Пријатели имавме и ќе ги имаме и сега. Кој сака, ние сме тука. Секогаш велевме, кажувавме и ќе кажуваме во иднина дека ако нешто се прави за нас, да не биде без нас. Тоа мото го ставивме и сега кога на 18 јуни 2017 година се собравме на плоштадот „Магнолија“, од сите здруженија, нашите верни пријатели кои не нè забораваат. Нè заборавија само медиумите.
Претседателката на Советот на општина Битола, Силвана Ангелевска, која повеќе години со ред нè дружи, беше присутна и на овој значаен настан, за разлика од други... Ние го кажавме нашето, збор-два како домаќин имаше и претседателот на „Мобилност Битола“, прим. д-р Нико Јанков, како и претседателот на „Мобилност Македонија“, Бранимир Јовановски. Ги кажавме старо-новите пораки до сите. Сите кои дојдоа и не дојдоа. Нека повелат друг пат.
Достоинствено го продефилиравме растојанието од плоштадот „Магнолија“ до хотел „Епинал“, делејќи летоци на намерниците кои љубопитно нè набљудуваа. Ние стотината величенствени стигнавме до ресторанот „Корзо“, каде што имавме куса промоција на нашиот алманах по повод 30 години „Мобилност Битола“ и презентација на долгата историја на настани. Потоа беа доделени и плакети и благодарници на личности и институции кои оставија белег во нашите достигнувања, за дружењето да продолжи со вкусното мени на нашите домаќини од ресторанот „Корзо“.
Вака помина нашиот 30. роденден, а ние продолжуваме понатаму со нови предизвици!