02/12/2017

Ден на лицата со инвалидност

На 2 декември 2017 година, делегација на „Мобилност Битола“ учествуваше во отворениот ден организиран од „Хумана Преспа“, хуманитарна организација каде што се активни и многу членови од нашето здружение, од канцеларијата во Ресен. Според програмата, отворениот ден започна во 12.00 часот, кога и пристигнаа повеќе гости и активисти, претставници на ракотворци од Битола и други гости, како и градоначалникот на општина Ресен, д-р Живко Гошаревски со сопругата, претседателот на Советот на општината, Никола Станковски, и директорот на Домот на културата „Драги Тозија“, Васко Василевски.
Во пријатна атмосфера се направија и првичните контакти со првите луѓе на локалната самоуправа и се договорија средби за понатамошна соработка. Мора да се спомне дека организациските способности на претседателката на „Хумана Преспа“, Гордана Пешевска, се на највисоко ниво и заслужуваат само пофалби. Кога сме кај организаторите, тие им поделија благодарници на истакнати поединци кои со своите активности и помош придонесоа за подобар рејтинг на лицата со инвалидност.
Обраќајќи им се на присутните, градоначалникот изрази задоволство од посетеноста и вети дека заедно со Советот ќе се залага за максимална соработка со нашите организации во сите домени на живеењето на лицата со инвалидност. Сè на сè, одличен и успешен настан со повод и на вистински начин за чествување на Меѓународниот ден на лицата со инвалидност.
Во меѓувреме, уште две екипи на „Мобилност Битола“ присуствуваат на активности по истиот повод: во Скопје на претстава и на коктел во организација на АД „Славеј“ и во Битола на шаховски натпревари во организација на Спорт и рекреација – Битола. Нека им е честит Меѓународниот ден на лицата со инвалидност – 3 декември и следниот, 4 декември – Ден на лицата со телесна инвалидност на Македонија. Активностите се во тек.