20/12/2017

Состанок со градоначалничката на Битола

На 20.12.2017 година, во просториите на општина Битола, делегација на „Мобилност Битола“, составена од претседателот прим. д-р Нико Јанков, секретарот Митко Фидановски, претседателот на Надзорниот одбор – Димче Христов и членовите на Управниот одбор – Лидија Велјановска и Сотир Јоновски, одржа состанок со градоначалничката м-р Наташа Петровска и советничката за социјални работи, м-р Наташа Струмениковска.
Предложениот дневен ред на состанокот предвидуваше: проширување и унапредување на соработката, заеднички апликации на проекти од интерес на лицата со инвалидност, постепено воведување на правата на лицата со инвалидност содржани во Конвенцијата на ОН, ратификувана од Р. Македонија во 2011 година, заедно со опциониот протокол. Секако дека приоритет се оние кои спаѓаат во доменот на локалната самоуправа, како што се: совладување на архитектонските бариери (рампи, паркинзи, лифтови на јавни установи и простори), вработување на лицата со инвалидност (доквалификација, преквалификација), транспорт, јавен превоз (нископодни автобуси или комбиња) и други бенефиции, комунални дејности (10-20 м3 вода, ослободување од плаќање на инсталирана моќност и тн.), школување – бариери, асистивни технологии и персонални асистенти, вклучувајќи и општо корисна работа, хабитација и рехабилитација, сместување (куќа, стан и сл.).
Од наша страна беше подготвен и предлог-меморандум за соработка на неодредено време, кој би вклучувал изработка на план на активности, транспарентност и анимирање на медиумите, особено истражувачкото новинарство. Истиот се очекува да биде потпишан наскоро.