26/12/2017

Прослава на Новата 2018 година во Битола

Одбројувањето започна. Вообичаено, „Мобилност Битола“ организира новогодишна забава за своите членови и поканети гости, па годинава дружењето се одржа на 26 декември во добро познатата локација – ресторанот „Корзо“ во Битола. Времето мирно и студено, но подносливо. Традиционално ни се придружи поголема група од прилепското здружение, а тука се и нашите долгогодишни пријатели и активисти, но и гостите од Скопје, Штип и Кичево, како и претставниците на ортопедските куќи „Славеј“ и „Медикус хелп“. Секако дека најбројни се членовите од Битола, а канцелариите во Демир Хисар и Ресен самостојно си организираат прослави. Ваква беше почетната атмосфера, која постепено се вжештуваше со добра музика и традиционално добрата храна во „Корзо“. Размена на мислења, искуства, пријатни разговори... од сè по малку. Се надеваме дека сите гости убаво си поминаа, а се надеваме и дека ваквиот пристап кој се негува со години, го зголемува не само капацитетот на здружението, туку и квалитетот на живеење воопшто. Во пресрет на Новата 2018 година, со надеж да ни биде добра и бериќетна, влегуваме со нов елан и подготвени за нови предизвици за подобро утре. Среќна Нова година на сите членови на „Мобилност Битола“, „Мобилност Македонија“ и на сите граѓани на Битола и Р. Македонија!