20/11/2018

Пристапност до културното наследство

На 20 ноември 2018 година, делегација на „Мобилност Битола“ учествуваше на меѓународен настан во НУ Завод и музеј – Битола. Имено, како еден од иницијаторите за пристапност до културното наследство, нашето здружение и битолскиот музеј ја продлабочија и зацврстија соработката со Роднокрајниот музеј од Књажевац (Србија) и Музејот на Сараево (БиХ), преку нивните претставнички Милена Милошевиќ Мициќ (СР) и Татјана Мијатовиќ (БиХ). Двете установи имаат високи дострели во пристапноста на културното наследство за лицата со инвалидност и заедно со претставниците на битолскиот музеј – Ирена Ружин и Јове Парговски – се активни членови на Балканскиот форум на експерти. Дел од настанот беше и м-р Тесалија Жирова, тифлолог, која го долови процесот на растечката пристапност до културното наследство за лицата со инвалидност. Ова особено важи за совладувањето на архитектонските бариери пред и во институциите, како и технологијата за достапност со тактилни слики за слепите лица, кои се воведоа во Битола со помош на експертот од Сараево, Татјана Мијатовиќ. Милена Милошевиќ Мициќ информираше за дигитализацијата на музејските поставки, како и принципот на „Музеј во куфер“ што функционира со мотото „Ако тие не можат да дојдат кај нас, ние ќе одиме кај нив“. Ваквиот начин на делување веќе дава резултати и гледајќи го напредокот, државата не може да остане рамнодушна. Постигнатите успеси и споделените искуства се од големо значење во планирањето на активностите и настапот пред институциите на системот, во тесна соработка со Музејот и граѓанското општество. Ова се докажа и во богатата дискусија, особено од претставниците на „Мобилност Битола“, Сојузот на слепите, граѓанските здруженија и други експерти што присуствуваа на овој значаен настан. Активностите продолжуваат.