16/03/2018

Тркалезна маса за предизвиците на спортската активност на лицата со инвалидност

На 16 март 2018 година, во хотелот „Континентал“ во Скопје се одржа тематска средба, односно тркалезна маса на тема „Идентификување на проблемите со кои се соочуваат младите лица со инвалидност во вклучување во процесот на телесна вежба и спорт, како предуслов за здрав живот и предлог решенија како истите да се надминат“. Настанот беше во организација на Националната федерација за спорт и рекреација на инвалидитет на Македонија-Македонски параолимписки комитет, кој од почетокот на минатата 2017 година започна со спроведување на проектот „Change Your Mindset-Sport4Everyone“ (Промени го начинот на размислување – Спорт за сите), кој се спроведува во рамките на спортската програма на „Еразмус +“. Носител на проектот е Загрепскиот спортски сојуз на лица со инвалидност, додека проектни партнери се Параолимпискиот комитет на Словенија, Параолимпискиот комитет на Србија, Параолимпискиот комитет на Црна Гора, Пингпонгарски сојуз на Австрија, Пингпонгарски сојуз на Италија, Организација за промоција на граѓанско општество ECHO – Загреб и Параолимпискиот комитет на Македонија. Целта на проектот е промоција и подигање на нивото на јавната свест за важноста на спортот и телесната вежба, и интеграција во општеството на младите лица со инвалидност (на возраст од 15-29 години) во рекреативни спортски активности. На настанот активно учество зедоа и членови на „Мобилност Битола“, меѓу кои претседателот прим. д-р Нико Јанков и членовите на УО – Лидија Велјановска, Сотир Јоновски и Васко Стефановски. Токму предлозите и забелешките од нашите членови беа земени предвид за понатамошно разгледување. Имено, од наша страна беше предложено да се користат податоците од базата на категоризационите комисии од најрана возраст, пред лимитот од 15 до 29 години, а особено беше нагласена потребата за промена во односот на лицата што го спроведуваат образовниот процес, односно да се спречи стереотипизација на лицата со инвалидност дека се неспособни за какви било физички активности. Сето тоа ќе биде дискутирано и на следната конференција закажана за 27 март, на која ќе присуствуваат и претставници на институциите надлежни за донесување одлуки. Сè на сè, сметаме дека овој проект е од голема важност за сите членови на „Мобилност Македонија“ и се надеваме дека владините претставници ќе имаат слух и подготвеност за да го започнат процесот на воведување и одржување на потребните мерки.