14/05/2018

„Мобилност Битола“ на едукативен настан на „Мобилност Македонија“ и „Рош“

На 14 мај 2018 година, повеќечлена делегација на „Мобилност Битола“ учествуваше на едукативниот настан насловен „Фармаковигиланца и права на пациентите“, во организација на „Мобилност Македонија“ и во соработка со компанијата „Рош“ (Roche). На настанот беа поканети неколку експерти од областа на фармакотерапијата, правата на пациентите и здруженијата за ретки болести. Гости предавачи беа доц. д-р Зорица Наумовска од Фармацевтскиот факултет, д-р Борјан Павловски од организацијата ЕСЕ и Весна Алексовска, претседателка на Здружението за ретки болести, која се претстави со темата „Живот со предизвици“. На настанот учествуваа повеќе здруженија од „Мобилност Македонија“ и други поканети гости, а самото предавање беше во големата сала во Домот на хуманитарните организации „Даре Џамбаз“. Предавачите на многу добар начин ги пренесоа своите искуства и забелешки во текот на професионалната работа и ангажман, за кои може да се каже дека е искуство повеќе за присутните и ќе биде пренесено во организациите од каде што доаѓаат. Ваквиот начин на соработка порано, сега и во иднина, си го наоѓа своето место при остварување на статутарните и програмски цели на „Мобилност Македонија“.