22/06/2018

Деинституционализација – фикција или реалност

На 22 јуни 2018 година, во салата на Советот на општина Битола се одржа јавна расправа за почеток на стратегијата за деинституционализација во организација на министерството за труд и социјална политика (МТСП) и општина Битола. Оваа проблематика, која се влече повеќе од две децении, започна со реализација после повеќегодишни подготовки, со голема помош и поддршка од меѓународните организации (УНДП, УНИЦЕФ) и, секако, Европската Унија. На расправата учество зедоа претставници на повеќе граѓански организации, стручни лица (доктори, психолози, педагози, социјални работници, дефектолози и др.) и советници од општина Битола. Стручниот тим на МТСП – Владимир Лазовски, Дрита Арслани и Теона Димитровска, во кусиот вовед ја опиша состојбата и стратегијата до 2017 година, по што следеше богата дискусија, на моменти и со емотивен набој за некои аспекти со „за“ и „против“, што е особено корисно, но само ако не отиде до бескрај. Поаѓајќи од искуствата, Западот „потроши“ речиси цел век во изнаоѓање патишта во континуитет на постепено менување на филозофијата на живеење до постигнување на основната цел - инстутиционалната грижа да се замени со грижа во заедницата. Од нашите скромни сознанија, слепото коригирање може да нанесе штета (неуспехот во 2000), но и опомените од Романија и Италија кои треба да бидат поука. Овие размислувања пишувачот на овие редови ги сподели со присутните и генерално се согласивме дека промени се неопходни, со добро осмислена трансформација и работа на терен, особено со подготовка и непрекинато делување во заедницата за односот на средината кон оваа проблематика. Се надеваме дека сите размислувања и забелешки ќе бидат земени предвид во креирањето на сите активности што ќе се спроведуваат во континуитет и со несебична поддршка од власта на државно и на локално ниво, како и со поддршката од медиумите.