01/07/2018

Израел – земја без бариери

Во текот на месец јули, поточно од 1-8 јули 2018 година, Ивона Јанкова претстојуваше во Израел. Од самото пристигнување на аеродромот „Бен Гурион“ во Тел Авив, веднаш беше видливо дека ништо не е оставено на случајноста и дека словото на законот за архитектонските бариери се почитува без исклучок. Сите јавни (државни или приватни) површини и објекти се максимално прилагодени и пристапни за лица со каква и да е инвалидност. Нашиот пријател Амир Гоичман беше најдобриот водич низ светиот град Ерусалим, модерниот Тел Авив, историскиот локалитет Масада и туристичките локации покрај Мртвото море. Речиси на секој чекор на овие локации се веќе изградени или се во изградба пристапни патеки до сите поважни точки, видиковци, но и санитарни јазли, особено во Ерусалим, кој иако е град со повеќеилјадна историја на трите најголеми вери – христијанската, еврејската и муслиманската – и секое камче има своја приказна, сепак е достапно и пристапно за секого. Особено импресионира системот „капка по капка“, кој овозможува во оваа пустинска клима да вирее вистинска оаза, освежувајќи го светиот град со зеленило, од кое маслинката е најзаштитена, па и законски е забрането да се скрши дури и едно гранче. Како и во сите поголеми градови, главниот избор на превоз во сообраќајот се бројните автобуски линии и главната линија на трамвајот што го сечи градот на половина. Освен временската прецизност и ниските цени што се невообичаени за оваа земја, превозот со трамвај е достапен за сите. Вратите се отвораат од двете страни, а нивото на секоја постојка постепено се изедначува за да може да влезе количка. Пристапна за секого е и историската тврдина Масада, археолошки локалитет што е еден од најдобро зачуваните од римско време. До неа може да се стигне пешки, по тн. „Змиска патека“, како и со огромна жичарница што може да пренесе до 80 патници. Особено интересно е инклузивното игралиште во Ерусалим, „Шалва“, што е пристапно за лица со секаква инвалидност. Иако сè уште има потешко пристапни места, особено во стариот град во Ерусалим, од 2014 година наваму, секојдневно се работи на изградба на пристапни рампи кон сите свети локации што привлекуваат верници од целиот свет. Сè на сè, Израел е земја во подем, лидер во современите технологии, па и покрај политичките и верски раздори, сепак се стреми кон единство, инклузија и просперитет за сите граѓани и посетители на ова свето место. Корисни линкови: https://www.curbfreewithcorylee.com/2016/08/27/wheelchair-accessible-old-city-jerusalem-israel/ https://www.curbfreewithcorylee.com/2016/10/24/wheelchair-accessible-masada-dead-sea-israel/