31/08/2018

Донација на синдикалната организација од РЕК-Битола

На 31 август 2018 година, во рамките на манифестациите кои траеја една недела, синдикалната организација од РЕК-Битола со делегација претставувана од претседателот Менде Фидановски, на „Мобилност Битола“ донираше два ваучери од по 20.000 денари, односно вкупно 40.000 денари. Истите наменски ќе бидат потрошени за ортопедски помагала кои не се во правилникот на фондот, имаат долг временски рок на употреба или се додатоци корисни во секојдневието. Оваа работа ќе биде реализирана во соработка со нашите долгогодишни пријатели и помагатели АД „Славеј“ и „Медикус хелп“ од Скопје. Ова е добар пример како перцепцијата на поединци и групи на граѓани се менува кон подобро во процес на пренесување на грижата на заедницата од институциите на системот. Инаку, настанот се случи во клупските простории на „Мобилност Битола“, во присуство на пишаните и електронските медиуми. Заблагодарувајќи се на овој успешен пример, претседателот на „Мобилност Битола“, прим. д-р Нико Јанков во своето обраќање уште еднаш ја нагласи важноста на промените на односот на средината кон лицата со инвалидност, конкретно со телесна инвалидност, и дека ќе се продолжи со исто темпо во остварување на статутарните и програмски цели на реализација на правата содржани во Конвенцијата на ОН, која нашата земја ја ратификуваше во 2011 година, заедно со опциониот протокол.