05/02/2019

Избори и УО на „Мобилност Битола“

После подготовките во месец јануари, согласно одлуката на УО на „Мобилност Македонија“ за избори во сите здруженија во термин од 10 јануари до 20 февруари 2019, се одржаа и успешно завршија изборите во трите канцеларии на „Мобилност Битола“. Прво, на 5 февруари, во клупските простории во Битола се одржаа избори, а изборниот процес беше транспарентен (со објава на профилот и страницата на Фејсбук). Со гласање составот од 19 делегати имаше мали измени, така што практично остана стариот состав кој беше подновен на претходните избори за 40%. На 6 февруари 2019 избори се спроведоа и во Демир Хисар, во чија канцеларија повторно беа избрани досегашните членови, односно останува истата екипа. На 7 февруари 2019 се одржаа изборите и во Ресен, каде што во клупските простории во присуство на повеќе членови беа избрани и делегати, од кои два нови. Постапката секаде беше транспарентна и конструктивна, па со завршувањето на изборниот процес и комплетирање на документацијата за Собрание се свика седница на УО на „Мобилност Битола“, која се одржа на 8 февруари 2019 во клупските простории во Битола. На оваа последна седница практично се сумираа активностите во изминатата, но и во последните четири години. Според календарот на реализирани настани активностите беа многубројни и содржајни. „Мобилност Битола“ се потврди и етаблира како сериозен субјект во инвалидските организации, со квалитет на организираните и успешно изведени настани кои се објавени на веб-страната (на четири јазици) и на социјалните мрежи (Фејсбук), како и во списанието „Мобилност“ на „Мобилност Македонија“, продолжувајќи ја успешната приказна. Покрај тековните потреби, УО ги препорача реализираните активности и планираните за во иднина на редовното собрание, а на новоизбраните делегати им посака успешна работа.