25/05/2019

Односот на средината

Многу наши членови имаат сон. Сонот многу тешко, а понекогаш и воопшто не се остварува. Васил Јанкула е лице со телесна инвалидност, член на „Мобилност Битола“ од Ресен. Неговата состојба е церебрална парализа, за многу и неможност за извршување дури и на елементарните физиолошки потреби. Но, тоа не важи за Васил. Својот хендикеп тој го пребродува со голема упорност, вежби, волја и визија која за среќа успева да ја реализира. Неговата најнова визија беше обиколка на поголем дел од Македонија (Ресен, Битола, Прилеп, Велес, Скопје, Тетово, Гостивар, Дебар, Струга и Охрид). Со помош на неговиот тренер, оваа негова визија се оствари, вклучувајќи ги и турите на Галичица и охридскиот маратон (види во статија „Челично срце“ во списанието „Мобилност“, бр. 92). Со помош и поддршка од УНДП, оваа негова визија се реализира и се надеваме дека заедницата ќе смогне сили да ги поддржува визиите на своите сограѓани со инвалидност и да работи за нивната успешност да стане успешност на сите нас. За остварување на овие заложби не се потребни само закони и подзаконски акти, туку вистинска желба и волја на останатите да ја препознаат вредноста која е универзална и човечка, и доаѓа од срцето. Пишаните прописи се само алиби ако останат само пуста буква на хартија. Васил Јанкула не е еден, тој е многумина со нас, во нас и околу нас. Да го менуваме односот на средината во континуитет, упорно, силно и со увереност во исправноста на целите кои зрачат со човечност. Човек, колку гордо звучи.

Previous Next