23/06/2019

„Мобилност Битола“ на масовна средба во Скопје

На 23 јуни 2019 година, на просторот околу објектот на Центарот за ортотика и протетика и во самите простории се одржа традиционалната масовна средба на „Мобилност Македонија“. И оваа година домаќин и организатор на случувањата беше Центарот за ортотика и протетика – АД „Славеј“ од Скопје. Пред повеќе од триста членови и придружници на „Мобилност Македонија“ од сите здруженија од земјата, присутните ги поздрави директорот на АД „Славеј“, Горан Чаловски, и претседателот на „Мобилност Македонија“, Бранимир Јовановски. Со помош на ССРИМ беа организирани и натпревари со инвалидска количка, пикадо и пинк-понг, а рекреативно и стрелање со лак и стрела. Организаторот на првите три места им обезбеди и парични награди, а сите вработени од Центарот на гостите им приготвија и богато мени со разновидна скара и пијалаци. Повеќе организации беа донатори на производи на оваа навистина извонредна манифестација. Сите гости од градовите доаѓаа организирано со автобуси, а потешко подвижните доаѓаа со автомобили, за што им беа покриени трошоците за гориво. Од нашето здружение присуствуваа околу 24 членови, од кои неколку во колички. Сè на сè, оваа масовна средба помина во прекрасна атмосфера, благодарение на одличата организација и изведба на практично сите вработени во АД „Славеј“.