30/06/2019

ДЕФИЛЕ 2019: Пристапна Битола, Пристапна Македонија

„Пристапна Битола, пристапна Македонија“ беше мотото и темата на годинашното, традиционално дефиле на Широк Сокак, кое „Мобилност Битола“ успешно го организира секоја година. После долгите подготовки со мали пречки, замисленото сценарио на оваа значајна манифестација беше остварено и реализирано на 30 јуни 2019. Придружувајќи се на кампањата за пристапност што ја води „Мобилност Македонија“, нашето здружение со своите ресурси и помагатели презема чекори за што поголема успешност на оваа значајна ставка во статутарните и програмски цели.

Во самите подготовки беа изработени плакат, леток и презентации за овој настан. Беа анимирани и поканети сите фактори во пелагонискиот, демирхисарскиот и преспанскиот регион (Битола, Демир Хисар, Ресен, Могила и Новаци), како и медиумите и невладиниот сектор. Презентери на работилницата беа претседателот на „Мобилност Битола“ - прим. д-р Нико Јанков, проф. д-р Васка Атанасова од Техничкиот факултет во Битола и претседателот на „Мобилност Македонија“ – Бранимир Јовановски, секој од нив на ниво на задачата, запознавајќи ги присутните со оваа значајна проблематика. Меѓу присутните имаше членови од речиси сите здружени членки на „Мобилност Македонија“, како и бројни гости кои дополнително го збогатија настанот.

Иако уредно поканети беа сите градоначалници од гореспоменатите региони, со своето присуство нè почестија само градоначалникот на општина Новаци, господинот Љубе Кузмановски, од општина Битола присуствуваа претседателот на Советот на општината Валентин Груевски и советникот Борче Корлевски, кои активно учествуваа во трибината. Во дискусијата учествуваше и д-р Ирена Ружин, програмски директор во НУ Завод и музеј – Битола. Забележливо беше и присуството на претставници од Ресурсниот центар и други граѓански организации. Останатите можеби ќе нè почестат со своето присуство во некоја следна пригода.

Како и секогаш, манифестацијата започна со традиционалното дефиле по Широк Сокак, почнувајќи од плоштадот „Магнолија“, каде што беа дадени изјави за медиумите и беше нагласена важноста на пристапноста за лицата со телесна инвалидност и предизвиците и динамиката за решавање, најмногу со мерки кои мора да ги преземе власта на државно и на локално ниво, како и во подигнувањето на свеста кај јавноста за оваа проблематика. Во целите и перспективите назначено е дека сепак власта ги има инструментите на моќ во остварувањето на целите зацртани во Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност на Обединетите нации, која нашата држава ја има ратификувано со сила на закон уште во 2011 година, заедно од опциониот протокол. Воведувањето и реализацијата на законските норми се првата и најважна алка со политичката волја и разбирање со прифаќање на позитивната слика која се создава во заедницата. Импресивната слика на дефилето не смее да остане само настан со една слика, туку непрекината низа на настани за кои главните актери се првите луѓе во општините со своите тимови за оваа проблематика, кои ние сесрдно ќе ги потсетуваме и ќе им помагаме.

Малите технички пречки, кои не зависеа од организаторот, не беа пречка за вториот дел од настанот со многу внимание да се проследат излагањата и да се прифатат заклучоците како свои и истите понатаму ќе се практикуваат во кампањата на „Мобилност Македонија“, која ќе трае во текот на целата година. Им благодариме на сите учесници на настанот, особено на градоначалникот на општина Новаци, кој воедно е и прво одговорно лице од рурална општина што ги прифати нашите заложби за пристапност, како и за господата од општина Битола – Валентин Груевски и Борче Корлевски – за искажаната подготвеност и одлучност за започнување и одржување на процесот на реализација на пристапноста. Времето ќе покаже колку сите декларативни изјави ќе бидат преточени во дела. Тука уште еднаш треба да ги спомнеме и нашите стратешки партнери, кои постојано ни помагаат при реализацијата на нашите замисли – МНД Битола. Со ова само се потсетуваме што направивме досега и што треба да направиме во иднина. Активностите продолжуваат.