09/07/2019
Согласно претходно договореното на нашата последна манифестација, традиционалното Дефиле на Широк Сокак, веќе на 9 јули 2019 година „Мобилност Битола“ оствари средба со претставници од општината, која беше на иницијатива на претседателот на Советот на општина Битола, Валентин Груевски. На состанокот беше присутен и директорот на ЈП „Градски паркинзи“, Зоран Дојчиновски, како и раководството на „Мобилност Битола“ составено од претседателот прим. д-р Нико Јанков, секретарот Митко Фидановски, членовите Лидија Велјановска и Сотир Јоновски и претседателот на Спорт и рекреација на инвалиди, Васко Стефановски. На овој состанок господинот Груевски изјави дека општината сака да ја интензивира соработката со „Мобилност Битола“ на сите полиња на живеењето и дека постои позитивна клима и перцепција за потребите на членовите на нашето здружение. Поздравувајќи ја оваа иницијатива, раководството на „Мобилност Битола“ го искористи присуството на директорот на ЈП „Градски паркинзи“ да ги договори сите поединости со користењето на бенефициите, вклучувајќи и потпишување на меморандум за соработка, со што би се отворила и перспектива за користење на грантови за пристапност, во духот на нашите заложби како Дефилето и на заедничката активност со „Мобилност Македонија“. Веќе до крајот на месецов се договорени активности од двете страни со конкретни мерки. Ваквиот брз одговор и иницијатива е за поздрав и ние се надеваме дека ќе биде пример во нашиот регион. Активностите продолжуваат.