06/09/2019

Хуманитарна претстава во Ресен

На 6 септември 2019 година во Домот на културата „Драги Тозија“ во Ресен, нашиот член Сотир Чаушевски заедно со Даринка Веслиевска успешно организираше и изведе хуманитарна претстава во рамките на акцијата за помош на 20-годишниот Дарко Циревски, кому му е потребна операција во странство. Станува збор за монодрамата „Пауна“ што ја изведе 16-годишната Сара Марковска, средношколка од Ресен, која неодамна се закити со наградата млад актер на годинешниот 17. Интернационален фестивал „Актерот на Европа“

„Едно девојче од 16-тина години, одигра една улога која возрасни, докажани актерки тешко ќе ја одиграат. Со својата младешка сила и волја ја одигра улогата само како што може да се одигра, нај, нај, нај... И колку и да кажуваме зборови се малку, само знаеме дека ’Пауна’ ќе биде една од најубавите монодрами направени во Преспа. Текстот на реномираната писателка Мирјанка Селчанец, играта на Сара Марковска, режијата на Даринка Велкова Веслиевска и Сотир Чаушевски само покажува дека Преспа има таленти, има деца, само правилно треба да се насочат и да се работи и работи со нив.“

А, за Сотир можеме слободно да кажеме, прележал детска парализа, досега има режирано речиси сто претстави со актери-аматери и деца, вклучувајќи и лица со инвалидност. Неговата умешност е не само да создаде добра претстава, туку и наменски да убеди лица и фирми да помогнат во случајот. Оваа пракса тој ја одржува подолго време и со исто темпо. Му благодариме за неговата исклучителна активност и откривање на таленти. Инаку, претставата беше одлично организирана и со голема посетеност, што укажува и на реномето кое Сотир го ужива кај своите сограѓани и пошироко. „Мобилност Битола“ ќе ги поддржува ваквите активности во рамките на своите можности.