04/10/2019
На 4 октомври 2019 година во Магазата беше организирана изложба за пристапност кон културното наследство, во организација на НУ Завод и музеј – Битола. „Мобилност Битола“, во соработка со Музејот, повеќе години се залага за зголемување на пристапноста кон културното наследство, па беше дел и од оваа изложба. Во соработка со експерти од Србија, Хрватска, БиХ и други земји од Балканот, битолскиот Музеј направи голем чекор и сега, покрај архитектонските бариери ги премости и бариерите за слабовидните и слепите лица, како и за глувонемите, со користење на аудиовизуелна презентација со знаковен јазик. За посетителите со оштетен вид, освен презентација со брајова азбука, беше овозможено и со скенирање на кодот да добијат аудио-презентација за делото. Со сево ова битолскиот Музеј се вброи во установи со врвна технологија за презентација на културното наследство. Токму тоа на отворањето го истакна експертот на тимот, д-р Ирена Ружин, програмски директор во НУ Завод и музеј – Битола. На отворањето приствуваше и градоначалничката на општина Битола, м-р Наташа Петровска, како и бројни гости, здруженија и институции, а настанот го проследија и медиумите. Се надеваме дека заложбите искажани во оваа пригода ќе бидат облигатни за институциите на системот и на локално и на државно ниво. Активностите продолжуваат.