10/10/2019
На 10 октомври 2019 во хотел „Епинал“ во Битола, во организација на МТСП и ЛЕСС Битола беше организирана и успешно изведена панел-дискусија во врска со оперативниот план за вработување со фокус на регионалните и локалните проблеми, предизвици и потреби. Оваа манифестација е дел од проектот „Зајакнување на социјалниот дијалог“ што го реализира Меѓународната организација на трудот. Модератор на настанот беше Стево Башуровски од ТВ Тера, а панелисти министерката Мила Царовска (МТСП), директорката на АВРСМ Биљана Јовановска и градоначалничката на Битола м-р Наташа Петровска. Присутни беа и градоначалници од пелагониско-преспанскиот регион, повеќе стопанственици, граѓански здруженија, Синдикатот и Комората на работодавци и други. По воведот и претставувањето на темата, следеше дискусија и споделување на мислења од присутните. Генерално, за поздравување е позитивната перцепција на МТСП и АВРСМ во врска со овој процес. Сепак, останаа недоискажани перцепциите на работодавците, Комората и Синдикатот кои, според нас, имаа што да кажат. Во однос на лицата со инвалидност, покрај општите насоки, не се спомна бројката од околу 1.600 баратели на работа, ниту начините за квалификација (не може да стане збор за доквалификација и преквалификација) на овие лица, од кои повеќе од 50% се без образование, ниту пак како образовниот систем ќе овозможи стекнување на вештини што ќе бидат конкурентни на пазарот на труд. И најважната забелешка од овој сектор е дека практично нема работна сила за вработување и дека нивната перцепција е вработување надвор од државата. Иако овој проблем беше алармантно нагласен, не доби соодветен одговор. Се надеваме дека во реализацијата ќе се обрне потребното внимание и дека ќе се пронајдат соодветни решенија.