03/12/2019
По повод Меѓународниот ден на лицата со инвалидност – 3 декември – претседателот на „Мобилност Битола“, прим. д-р Нико Јанков гостуваше во утринската програма на Македонското радио, во чии рамки телефонски разговараше со новинарката Јелена Стаменковиќ. Во неколкуминутното обраќање беа изнесени основните податоци и активности на „Мобилност Македонија“, како и значењето на Меѓународниот ден на лицата со инвалидност, а најавени беа и плановите за одбележување во клупските простории на канцеларијата во Ресен. Имено, тие започнаа во 13.00 часот со обраќање на претседателите на „Мобилност Битола“ и „Хумана Преспа“ од Ресен, во присуство на претставници од општината и други институции од Ресен. На настанот присутни беа и корисниците на ОКР, родители, граѓани-волонтери и други. После поздравните говори, репрезентативно беше одржан натпревар во пикадо и музички нумери на децата од ОКР, под раководство на волонтерот Мартин. Во присуство на седумдесетина посетители, манифестацијата помина во пријатна атмосфера, а пригодата беше искористена да се договорат и идни активности од обостран интерес.