1/10/2020

Пристапност – Осврт

Вечната приоритетна тема во севкупното живеење на лицата со инвалидност, особено на оние со телесна инвалидност, е пристапноста. Повеќе од деценија и половина, односно две децении, „Мобилност Битола“ ја имаа оваа тема како приоритетна. Рековме дека пристапноста не се само архитектонските бариери; тие се комплекс на проблеми кои се преплетуваат во севкупното живеење (комуникација, однос на средината, работа, брак и семејство итн.). Многу важен, ако не и најважен сегмент во реализацијата на подобра пристапност има локалната самоуправа. Таа е од непроценливо значење во живеењето на лицата со телесна инвалидност, кога зборовите и ветувањата ќе се претворат во дела, кои потоа ќе се надградуваат и доградуваат.

Пред повеќе од две децении е започнат процесот на првично совладување на архитетонските бариери во државните институции, кое се реализира со посредство на УСАИД (ИОМ) од 2002 до 2004 година, со 17 рапми и 35 пристапи на главната улица. Од 2004 до 2006 следеше обележување на паркинзи и адаптација на тротоари. Оттогаш, во повеќе наврати се правеа усилби за пристапност, прво на општината, а потоа и на други установи. После 15 години, направен е првиот чекор – општината инсталира платформи и го реши приземјето. Овој чекор е за поздрав, но не е комплетен. Следи пристапност на другите два спрата (има елаборати) со адаптација на барем едно веце. Се надеваме дека иницијалната точка ќе го започне процесот кој нема да запира и ќе го оправда дводецениското ангажирање кај локалната самоуправа. Процесот се надеваме дека ќе продолжи и кај некои основни училишта, како и кај специјализирани училишта за лица со инвалидност. Со овој тренд се надеваме дека ќе се реши и пристапноста и поправката на (запоставеното) инклузивно игралиште, на чија табла, покрај Министерството за труд и социјална политика и „Мобилност Македонија“, стои и Општина Битола, како гарант дека игралиштето ќе функционира и ќе ја оствари намената за која е изградено. Ова е само врвот на ледениот брег кој чека реализација, не наеднаш и не многу содржини, туку едно по едно, во процес кој нема да застане. Неопходноста, покрај што е нотирана на Конценцијата на ОН, е императив за влегување во европските води и стандарди кои не трпат импровизација и манипулации. Да се надеваме дека процесот конечно ќе започне, а сите иницијативи и реализации ги поздравуваме и поддржуваме.