20/11/2020

Програма за социјална заштита на Општина Битола за 2021 год

На 20 ноември 2020 година се одржа онлајн-состанок на Општина Битола и граѓанските здруженија на која се дискутираше за предлог-програмата за социјална заштита за 2021 година – план, финансиска рамка и реализација. Состанокот го водеше градоначалничката Наташа Петровска, а меѓу претставниците на граѓанските здруженија беа и нашите членки и активистки Фанче Георгиевска и Лидија Велјановска, кои ја искористија можноста да ги споделат нашите размислувања во однос на програмата и планот за реализација.

Планот за реализација е доста обемен, опфаќа повеќе сегменти и ангажира ресурси од човечки и материјален потенцијал. Лицата со инвалидност (попреченост) се опфатени со задоволителен сегмент од општата маса и списокот на желби е импресивен, вклучувајќи лични, образовни и други асистенти, архитектонски бариери, јавен сообраќај и тн. Забележително место е дадено на регионалниот Ресурсен центар, со задоволителна појдовна ставка на финансиски средства. Местото и улогата на УНДП ќе се прецизира допрва.

Претставниците на граѓанските здруженија учествуваа и во самото создавање на програмата, а состанокот имаше за цел уште еднаш да се разгледаат сите детали и потенцијалните измени и дополнувања пред да биде усвоена од Советот на општината во декември. Се надеваме дека со добар ангажман на вработените во општинските структури ќе се успее во предизвикот за реализација на програмата, односно од пишувани планови кон реализирани дела. „Мобилност Битола“ активно ќе учествува согласно можностите во наредниот период и состојбата со пандемијата. Се надеваме на успешен почеток.