12/12/2021

34 години МОБИЛНОСТ Битола

По повод 34 години од основањето на „Мобилност Битола“, на 12 декември 2021 година триесетина членови од нашето здружение го одбележаа роденденот со мала прослава и натпревар во пикадо. Настанот, на кој присуствуваа и гости од „Мобилност Скопје“, го отворија секретарот Митко Фидановски и членката на УО Лидија Велјановска, со куса ретроспектива за сите досегашни успеси и достигнувања во изминатите 34 години, а со минута молк се потсетивме и на членовите кои не се повеќе меѓу нас, но засекогаш ќе останат впишани во историјата на нашето здружение. Заради здравствени причини, претседателот прим. д-р Нико Јанков не можеше физички да присуствува на прославата, но се вклучи онлајн за да ги поздрави присутните и да им го честита роденденот.

Прославата беше збогатена и со поезијата на нашата членка и наградувана поетеса Биљана Тодоровска, која ги почести присутните со неколку стихови од својата збирка, а потоа следеше и главниот дел – натпреварот во пикадо, во машка и женска категорија. Во машката категорија се натпреваруваа 13 членови (Менде, Живко, Митко, Цветан, Стеван, Николче, Кире, Соте, Горан, Гоце, Имер, Дејан и Горан С.), а во женската 6 членки (Бети, Лидија, Наташа, Јелена, Силвана и Оливера). Со 78 поени, на трето место во машката категорија се најде Митко, втор беше Живко со 99 поени, а победник беше Дејан, кој освои 103 поени. Без поголемо изненадување, во женската категорија триумфираше Оливера со 85 поени, Силвана беше втора со 63 поени, а на трето место се најде Бети со 56 поени. За сите добитници беа обезбедени и парични награди, односно првопласираните беа наградени со по 1.500 денари, второпласираните со по 1.000 денари, а третопласираните со по 500 денари.

По прогласувањето на победниците, дружбата продолжи со ручек, разговори, музика и песна, а доброто расположение траеше до доцна попладнето и сите заминаа дома со позитивни впечатоци. Задоволството беше уште поголемо бидејќи ваквите настани се поретки во изминатиов период заради пандемијата, но со почитување на здравствените протоколи ризикот беше сведен на минимум. Се надеваме дека ситуацијата полека ќе се подобри и ваквите дружења повторно ќе ги има во поголем број и со многу повеќе учесници. Им го честитаме роденденот на сите членови на „Мобилност Битола“ и догодина во уште подобри услови и со повеќе извојувани битки да го прославиме јубилејот од 35 години на нашето здружение!