03/12/2021

Меѓународен вебинар за пристапност на Балканска музејска мрежа

По повод Меѓународниот ден на лицата со инвалидност, на 3 декември се одржа меѓународен вебинар на тема пристапност на културните наследства, каде што претставници од повеќе музеи ширум Балканот говореа за најдобрите практики за зголемена и подобрена пристапност на културни институции и локалитети. Вебинарот беше организиран на иницијатива на д-р Ирена Ружин од НУ Завод и музеј – Битола, а со поддршка од Министерството за култура на Република С. Македонија.

Модераторка на вебинарот беше Аида Вежиќ од БиХ, а говореа Аида Шабац (Бих) на тема „Уметничка музејска програма за деца со аутизам“, Милена Милошевиќ Мициќ (Србија) зборуваше за дигиталните алатки и апликации што ја олеснуваат пристапноста во музеите и локалитетите, Ирена Ружин и Јове Парговски ја претставија нивната „Пристапна градска тура“ и „Битола без бариери“, а Жељка Сушиќ (Хрватска) се осврна на важноста за вклучување во културниот живот и за повозрасните граѓани, кои често се занемарени.

Пристапноста до културното наследство беше разгледана од повеќе аспекти, вклучувајќи ги очигледните физички бариери, како ставот и односот на вработените во културните институции кон лицата со попреченост, па заклучокот на сите беше токму реченицата што ја сподели д-р Ружин, дека „Луѓето не се попречени, попречен е нивниот град“, што одлично ја сумираше целта и смислата на ваквите проекти и заложби за што поголема пристапност и вклученост на сите граѓани во културата, без дискриминација. Д-р Ружин се осврна и на најновите стандарди, прописи и стратегии на светските и меѓународните организации, како што се СЗО, ОН и ЕУ, чии цели се до 2030 година туризмот да биде пристапен за секого.

Особено интересна и со многу пофалби беше презентацијата на Јове Парговски за „Пристапна градска тура“, која ги користи најновите технологии и дигитални алатки за само-водечки тури кои посетителите можат да ги осмислат според сопствените потреби и можности. Пример за тоа е проектот „Рурална авантура“ (https://ruraladventure.mk/mk/dobredojdovte-vo-mariovo/), каде што се опфатени турстичките атракции во Мариово и телефонот на посетителот го претвора во сопствен аудио-водич со нарација на македонски, англиски, француски и на германски јазик, интерактивна тура од 360*, како и видеа на знаковен јазик за домашни посетители. Уште еден пример е и „Кинокултура“ -интерактивна и виртуелна презентација на културното наследство и кино (https://cineculture.online/), направен во соработка со нашите долгогодишни пријатели од „Гаус институт“.

На вебинарот пристуствуваа претставници на културни институции и хуманитарни организации од Балканот и од други европски земји и се одвиваше на англиски јазик, а како претставничка на „Мобилност Битола“ учествуваше Ивона Јанкова, менаџерка на нашиот проект „Алтер трип“, чија цел е токму алтернативното туристичко искуство. Се надеваме дека ваквите проекти и заложби на сите институции ќе ги има во што поголем број и ќе ги надополнат нашите активности во остварувањето на целите на „Мобилност Битола“.