22/05/2021

Биљана Тодоровска со главна награда на конкурсот за поезија во Струга

Нашата членка и истакната поетеса Биљана Тодоровска се закити со уште едно во низата признанија за нејзините поетски творби. Со нејзината песна „Трчам со силата на зборот“, Тодоровска ја освои главната награда на конкурсот „Трчам значи постојам“, во рамките на првото издание на меѓународната спортска манифестација „Трка на поезијата“, кое се одржа на 22 мај 2021 година во хотелот „Боград“ во Струга. „Песната на Тодоровска изобилува со поетска и лична сила, трансформирајќи го хендикепот во метафора за едно поинакво трчање, трчање кое е предизвик, кое зборува за еден храбар начин на живот, полн со инспирацијата што само зборот може да ја понуди. Песната на Тодоровска се обраќа директно и предизвикува доживување со кое читателот се соживува со лирскиот субјект. Во споредба со останатите песни, кои исто така се автентични, Тодоровска се оддели со пораката што ја испраќа, силна порака дека сите на некој начин трчаме, и суптилни се можностите да се ужива во тоа“, пишува во соопштението на организаторите. Честитки за нашата членка, нека нејзиното творештво и признанија се множат уште повеќе! Победничките стихови на Биљана Тодоровска прочитајте ги во продолжение.


Не ми го земај зборот

нити буквите

со сите нивни

гласови.

Нека вреват

нека се веселат.

Не ми допирај ништо

што со перото, галам

каде хартијата

го пее

она што ќе напишам,

таму ете таму

е мојата сила.

Не можам да трчам

чекорам, бавно

споро се движам

низ лавиринтите на живот,

со бариери.

на моите две патерици

со цела снага се потпирам,

но, за душата да ја одморам

ги имам,

вокалите, глаголите, придавките,

со нив

ете баш со нив

по белиот лист трчам.

Пишувам...

Трчам...

Пишувам...