27/05/2021
На 27 мај 2021 година, во организација на „Мобилност Скопје“ и со поддршка од „Мобилност Македонија“, на терасата на Музејот на Македонската борба во Скопје се одржа настан за подигнување на свеста за потребите на лицата со мултипла склероза, параплегија и дистрофија. На настанот покрај четириесетина членови на „Мобилност Македонија“ од повеќе здружени членки, меѓу кои и претставниците на ограноците за МС и параплегија на „Мобилност Скопје“ – Христина Прошкова и Гоце Миновски, како гости присуствуваа: Милан Живковиќ - советник на премиерот за труд и социјална политика, Томислав Цветковски и Зоран Стојанов - претставници од Министерството за труд и социјална политика, доц. д-р Иван Барбов - начелник на Клиниката за неврологија при универзитетската клиника Мајка Тереза во Скопје, Даниела Стојановска Џинговска - советничка на директорот на ФЗОМ за ортопедски помагала, Горан Чаловски - директор на Центарот за ортотика и протетика „Славеј“ од Скопје и Даниела Николова - директорка на Музејот на македонската борба. Како претставници на „Мобилност Битола“ присуствуваа нашите членови Лидија Велјановска и Сотир Јоновски. Настанот беше организиран по сите протоколи за Ковид-19 и дел од присутните активно учествуваа со свои размислувања. Се направи осврт на сработеното во последните десетина години, со констатација дека има само мали поместувања. Институциите на системот неопходно е да ги вбројат потребите на лицата со инвалидност во приоритетните цели, макар стапка по стапка. Повеќе печатени и електронски медиуми го следеа овој настан, за кој подетално можете да прочитате и во објавата на Мобилност Македонија.