14/09/2021
Секојдневно следевме и очекувавме резултати од Параолимписките игри во Токио и нашата единствена учеснича со големо срце, Оливера Наковска-Бикова. Навистина е гордост што таа е од Битола и е наша членка, а воедно и врвна спортистка со највисоки одличја во последните две децении. Нејзината заслуга не е само за Битола, „Мобилност Битола“, ССРИ - Битола и ССРИМ – Параолимписки Комитет, туку и за сите граѓани на нашата земја. Следејќи ги со нетрпение настаните на кои таа учествуваше, бевме подготвени на сè, но после она што се случи останавме фрапирани. Имено, таа имаше проблем со нејзиниот пиштол, кој не функционираше како што треба, односно не испалуваше куршуми. Со поддршка од рускиот тим, пиштолот беше поправен до одреден степен, но сепак не можеше да биде целосно функционален. Сепак, и покрај големите психофизички напрегања, Оливера не се откажа и успеа да заземе добра позиција. Во оваа конкуренција на многу нови натпреварувачи и респективни резултати, нашата Оливера –ветеран и врвен спортист – постигна многу повеќе од очекуваното, имајќи ги предвид проблемите со кои се соочуваше. Се гордееме со неа и ѝ посакуваме здравје, среќа и понатамошни успеси на терените насекаде во светот.