22/09/2021

Резултати од социјално мапирање

На 23 септември 2021 година во хотел „Епинал“ се одржа работилница со опфат на работата на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) и Општина Битола, со поддршка од Германската корпорација за меѓународна соработка и НАЛАС (Мрежа на здруженија на локални власти на Југоисточна Европа). Генерално се опфатени сите аспекти на лицата со попреченост (читај инвалидност) во сите домени на живеењето (во домот, средината, образованието, работното место, семејство итн.). Разгледана е проблематиката и специјалната состојба на лицата со пречки во видот, слухот, ментална сфера и мобилност – телесна инвалидност (социјално мапирање, откривање, евидентирање, потреби, можности, стратегија и визија). На оваа работилница активно учествуваше и нашата членка Фанче Георгиевска, која редовно е дел од ваквите настани што ги организира локалната самоуправа, споделувајќи ги нашите искуства и предлози и придонесувајќи за попозитивни резултати во реализацијата и имплементацијата на целите. Се надеваме дека заклучоците и насоките ќе најдат соодветна и корисна примена во времето што доаѓа. Сите учесници во своите впечатоци изнесоа дека избраниот пат е исправен и дека на ред е единицата на локалната власт да ги примени дадените насоки и заклучоци, па започнатиот процес стапка по стапка да почне да решава една мачна проблематика што се провлекува веќе неколку децении, и покрај многубројните декларации и конвенции. Времето ќе покаже што ќе биде.