13/04/2022

Тематски форум во Општина Битола за унапредување на состојбата и пристапот до услуги на лицата со попреченост

На 13 април 2022 година во салата на Советот на Општина Битола се одржа тематски форум насловен „Унапредување на состојбата и пристапот до услуги на лицата со попреченост“, чија цел беше да се разговара за проблемите со кои се соочуваат овие лица, но и да се влијае на зголемување на свеста за нивните потреби. На присутните им се обрати градоначалникот на Општина Битола, прим. д-р Тони Коњановски, осврнувајќи се на активностите и целите на проектот „Регионално учење за имплементација на Агенда 2030 во Југоисточна Европа“, кој е тесно поврзан со оваа тема и кој го спроведува Заедницата на единиците на локалната самоуправа во соработка до Мрежата на асоцијации на локални власти на Југоисточна Европа (НАЛАС), а со поддршка од Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ). Градоначалникот нагласи дека во процесот на носење одлуки се вклучени сите носители на функции, советници, но и претставници на невладиниот сектор и други субјеки, кои потребно е да делуваат партнерски. Тој рече дека очекува ваквиот пристап да резултира и со решенија на проблемите кои произлегуваат поради недоволен пристап на лицата со попреченост до спортски и рекреативни активности, што претставува потреба произлезена од социјалното мапирање и секако значително ќе влијае и на подобрувањето на социјалната инклузија на овие лица, а додаде и оти верува дека подобрувањето на условите во салата во Центарот за социјални рабоботи која ја користат лицата со телесна попреченост, визуелна попреченост и лица со проблеми со слух, како и едукативната кампања која ќе следува, се два чекори кои ќе дадат многу позитивни ефекти за подобрувањето на животот на нашите сограѓани. Како претставнички на „Мобилност Битола“, на форумот учествуваа нашите членки Фанче Георгиевска и Лидија Велјановска, долгогодишни активистки и учеснички во повеќе настани организирани од локалната самоуправа, чиј придонес е од огромно значење. Активностите продолжуваат.