04/05/2022

Проект „Алтер трип“: Потпишан договорот за национално кофинансирање со МЛС

На 4 мај 2022 година, во Офицерскиот Дом во Битола се одржа свечено потпишување на договорите за национално кофинансирање на одобрените проекти во рамките на ИПА Програмата за прекугранична соработка Грција-Северна Македонија 2014-2020, меѓу кои е и нашиот проект „Алтернативно туристичко искуство – Алтернативно патување“ АЛТЕР ТРИП. Настанот беше во организација на Министерството за локална самоуправа, кое вообичаено покрива 15-20% од буџетите на овие проекти, а договорите ги потпиша министерот Горан Милевски. Меѓу организациите кои добија проекти во рамките на оваа програма се претежно државни институции, а нашето здружение беше едно од малкуте невладини организации/здруженија на граѓани и со еден од најмалите буџети. Како претставници на „Мобилност Битола“ присуствуваа претседателот прим. д-р Нико Јанков, кој го потпиша договорот за кофинансирање, и проектниот менаџер Ивона Јанкова. Секој од претставниците на организациите имаше кратко излагање за активностите и целите на нивните проекти, а имајќи предвид дека и на нашиот проект главна цел е пристапноста, нашиот проектен менаџер нагласи дека и самата локација каде што се одржуваше настанот и понатаму останува непристапна. Таа ги потсети присутните дека и при самиот влез во објектот, од сите страни се влегува само преку скали, а уште понезгодни се и внатрешните извртени скали што водат до горниот кат. Јасно е дека кај нас повеќето објекти се стари и градени за друга намена во некои други времиња, но праксата во светот покажува дека и кај локалитети стари илјади години (како стариот град во Ерусалим – потсетете се на нашиот прилог „Израел – земја без бариери“) сепак се нашло начин да се направат пристапни за сите, водејќи се од тн. универзален дизајн на сите јавни објекти, кој е дел од сите светски, но и локални стандарди, закони и прописи. Затоа локалната самоуправа игра една од клучните улоги во прилагодувањето на средината за таа да биде достапна и пристапна за сите. Претставниците на „Мобилност Битола“ ја искористија можноста и лично да поразговараат со министерот Милевски, кој самоиницијативно даде насоки за следниот повик за доделување грантови од Министерството за локална самоуправа што ќе се искористат за реновирање и санација на просториите на нашето здружение. Исто така, тој ја прифати и поканата да приствува на нашите настани, како што е Дефилето на Широк Сокак, па останува да видиме дали ќе го исполни ветеното. Активностите продолжуваат.