13/05/2022

Втор состанок на партнерите на „Алтер Трип“

По почетниот состанок на партнерите во проектот „Алтер трип“ што го организираше водечкиот партнер во октомври лани во Солун, согласно договорот и распределбата на обврски, организацијата на вториот состанок во Битола му припадна на третиот партнер – МОБИЛНОСТ Битола. Состанокот се одржа на 13 мај 2022 година во хотелот „Милениум Палас“ на Широк Сокак во Битола, во присуство на претставници од сите три партнерски организации и дел од ангажираните експерти во проектот. Од страна на водечкиот партнер – Инситутот за истражување и развој на дејности и изложби (ИЕЕ) – присуствуваа проектниот менаџер д-р Димитрис Куркуридис, Марита Папагиани, Димитриос Тампакис и нивниот надворешен експерт Спирос Хиотерис, додека од вториот партнер – Министерството за внатрешни работи (Сектор Македонија и Тракија) на Република Грција – присуствуваше нивниот проектен менаџер Јоанис Коѕиамбасис. Во името на „Мобилност Битола“, воедно и организатор на настанот, присуствуваа претседателот прим. д-р Нико Јанков, членката на УО Фанче Георгиевска и проектниот менаџер Ивона Јанкова, како и проф. д-р Игор Неделковски, кој заедно со надворешните експерти д-р Ирена Ружин и м-р Јове Парговски презентираа дел од тековните активности во рамките на проектот. Состанокот започна со поздравен говор од нашиот проектен менаџер, а потоа секој од партнерите ги презентираше своите досега реализирани активности. Како вистински водечки партнер, ИЕЕ предводи по бројот на остварени активности. Нивните претставници детално ги опишаа сите ставки од нивните задолженија, а ја претставија и првичната верзија на веб-страната каде што ќе се најдат сите резултати од проектните активности што ќе произлезат од студиите за правните рамки, фактичката состојба во поглед на пристапноста на туристичките и угостителските дејности во прекуграничниот регион и препораките за полесно и побрзо совладување на бариерите на двете страни од границатa. Врз основа на студиите, особено корисен дел од оваа платформа ќе биде и мапирањето и турата со сите пристапни локации и објекти, што ќе им овозможи на сите корисници јасен преглед каде има услови за посета и претстој. Бидејќи веб-страната е во развој, проектниот менаџер предложи да ги консултира членовите на „Мобилност Битола“ и на другите инвалидски организации и нивните мислења и насоки да им ги пренесе на водечкиот партнер за да ги земат предвид при изработката на порталот. Своите досегашни активности ги презентираше и вториот партнер, чиј претставник информираше дека се соочуваат со одредени одолговлекувања, така што веројатно ќе има мало задоцнување во испорачувањето на резултатите од нивна страна. Во поглед на нашите активности, и покрај тоа што долго чекавме на потребните документи од нашите институции, сепак поголемиот дел од активностите се веќе во тек и извесно е дека резултатите ќе бидат испорачани во предвидениот рок. Првата студија за правните регулативи во државата е веќе завршена, а во тек е теренската студија во чии рамки се прибираат податоци од фактичката состојба за пристапност во Пелагонискиот регион. Д-р Ирена Ружин, која е надворешен експерт за оваа студија, сподели дел од досега сработеното и како најдобар пример за објект изграден според сите стандарди ја наведе музејот на Тоше Проески во Крушево. Веќе знаеме дека поголемиот дел од понудата во регионов не ги исполнува тие стандарди, но оптимист е што повеќето сопственици/директори на туристичките и угостителските објекти кои ги посетила се заинтерeсирани да учествуваат на обуките кои се предвидени во рамките на проектот. Она што најмногу ги воодушеви нашите партнери од Грција беше презентацијата на проф. д-р Неделковски и м-р Парговски, кои ги претставија 3Д тактилните модели на дел од нашите најпознати туритстички атракции, иработени со QR и NFC технологија и кои за првпат на Балканот ќе ги има токму во Битола. Тактилните модели преку NFC и QR технологија се поврзани со апликација за паметни уреди (телефони, таблети) која содржи наративен опис за објектите и видео на знаковен јазик, со што се овозможува пристап до нашето културно наследство и за слепите и глувите лица. Повеќе детали околу сите вакви активности ќе има во рамките на медиумската кампања што ќе следи во понатамошниот тек на проектот. Единствената црна точка од овој настан беше фактот што на лице-место се виде колку непристапни се угостителските објекти во Битола. Имено, и покрај тоа што повеќето градби кај нас се стари и првично градени со друга намена, при адаптирањето не се водело сметка за пристапноста, па дури и фактот што има лифтови, кои не се со препорачани димензии и се поставени меѓу катови, и понатаму ги прави непристапни за добар дел од посетителите. Сепак, љубезниот персонал беше подготвен да помогне и изрази интерес да научи и евентуално да инвестира во понатамошни прилагодувања на просторот, кои благодарение на новите технологии лесно можат да ја зголемат пристапноста за сите посетители. Впрочем, тоа е целта на нашиот проект – да им предочи на сите дејности во туристичкиот и угостителскиот сектор дека можеби несвесно дискриминираат добар дел од своите гости, како и да им даде совети и насоки како да ги надминат бариерите и целосно да го искористат потенцијалот на алтернативниот туризам. Сумирајќи ги впечатоците, се чини дека состанокот помина во најдобар можен ред и гостите од Грција, меѓу кои имаше и такви што за првпат доаѓаат во Битола, изразија задоволство од целокупната организација и гостопримство од наша страна. Проектот „Алтернативно туристичко искуство – Алтернативно патување“ е дел од ИПА Програмата за прекуграничка соработка „Грција-Република Северна Македонија 2014-2020“ и е ко-финансирана од Европската Унија и националните фондови на државите учеснички во програмата. Активностите продолжуваат.