02/12/2022
Со промоција на алатки за пристапен туризам, наменети за лицата со попречености, а во рамките на нашиот проект „Алтернативно туристичко искуство – алтернативно патување“ (Алтер трип), „Мобилност Битола“ ја започна серијата настани и активности со кои одбележува 35 години од своето основање. Во пресрет на Меѓународниот ден на лицата со попреченост, на 2 декември во Офицерскиот дом во Битола, „Мобилност Битола“ и Фондацијата за нови технологии, иновации и трансфер на знаење ГАУС Институт – Битола, направија Битола да биде првиот град во регионот (и пошироко) што има туристичка понуда пристапна за лицата со попречености.
Станува збор за туристичка сигналитика за 10 најзначајни културно-историски споменици во Битола наменета за лица со попречености, кои беа предадени на Општина Битола за да ги постави на пристапни локации пред соодветните знаменитости; апликација за мобилни уреди – туристички водич за Битола за лица со попречености и печатен туристички водич на македонски, англиски и на грчки јазик, со Брајово писмо, наменети за лицата со оштетен вид.
„Тактилна сигналитика која се состои од табли овозможува слепите лица преку допир да прочитаат како изгледа културно–историскиот споменик. Воедно тука е и туристичкиот водич за Битола напишан на Брајово писмо со тактилни слики преку кои лицата со оштетен вид можат да прочитаат за културно-историските споменици и трето најсовремена мобилна апликација за паметните уреди преку кој сите лица со попречености кога се наоѓаат во близина на овие култуно-истоприски споменици ќе добијат зависно од нивната попреченост информација за објектот колку е пристапен, колку ката има, до каде можат да се качат и слично“, рече Ректорот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, проф. д-р Игор Неделковски, кој воедно е и идеен творец и проектант на алатките за пристапен туризам.
Градонаналникот на Општина Битола, прим. д-р Тони Коњановски, посочи дека градот Битола добива нови можности за претставување на најважните културно-историски споменици до лицата со попреченост, што истовремено е и поддршка на културно-туристичката промоција на градот.
„Водејќи се од својата програмска заложба за транспарентност и достапност, како и од програмата за социјална заштита, општина Битола ја поздравува реализацијата на проектот и ќе овозможи поставување на новата туристичка сигналитика, согласно дополнувањата кои ќе бидат направени во програмата за урбана опрема и одредените 10 микролокации. На овој начин, овозможуваме функционална соработка на локалната самоуправа и невладиниот сектор, со цел реализација на нови проекти кои ќе донесат подобри услови за сите наши сограѓани“, додаде тој.
Прим. д-р Нико Јанков, еден од основачите и претседател на „Мобилност Битола“, изрази задоволство што резултатите од проектот се реализираат во текот на јубилејната 35. година од основањето на Здружението. „Во изминатите три и пол децении, изодивме трнлив пат и направивме неколку заеднички чекори за подобрување на пристапноста. Но, за одење имаме уште многу, а до целта ќе стигнеме побрзо и полесно, само ако делуваме заедно. Се надеваме дека со овој проект, уште повеќе ќе ја подигнеме свеста за потребата за поголема пристапност, во секоја смисла на зборот, особено откако во текот на пандемијата, сите на своја кожа осетивме како е да си затворен дома, со ограничен пристап до места и активности, што повеќето од нас ги земаме здраво за готово“, додаде д-р Јанков, нагласувајќи дека попреченоста, привремена или трајна, може да ја има секој. „Пример за тоа сум и јас. Во мојот 43-годишен работен век како специјалист ортопед, оперирав стотици колена, колкови, препишував помагала и терапии, за еден ден и јас да ‘легнам под нож’ и да добијам вештачко колено“, заклучи претседателот на „Мобилност Битола“. Експертот и создавач на алатките за пристапен туризам, м-р Јове Парговски детално ја објасни употребата на овие алатки, и додаде дека тие ќе ни бидат од корист на сите, а особено на туристите што обично пристигнуваат на паркингот спроти НУ Завод и Музеј – Битола, од каде и што почнува турата. „Прва точка во оваа тура е Музејот, па потоа продолжува долж целиот Широк Сокак, опфаќајќи ги Офицерскиот дом, Кино Манаки, Католичката Црква, Саат кулата, Црквата „Св. Димитрија“, Безистенот, Јени Џамија и Исак Џамија. Покрај овие културно-историски споменици, опфатен е и античкиот локалитет Хераклеја“, објасни м-р Парговски.
Особено задоволство од беспрекорната изработка изрази Весна Софронијевска, физиотерапевт и лице со оштетен вид, членка на Здружението на слепи лица – Битола, која пред присутните ја демонстрираше употребата на овие алатки. „Секој човек, без оглед дали гледа или не, има различни доживувања за една иста работа. Јас сум воодушевена од фактот што алатките се изработени на начин што е пријатен на допир и лесен за читање и доживување на претставените културно-историски споменици“, рече Софронијевска.
За настанот да биде пристапен за сите, КИЦ Битола, кој раководи со Офицерски Дом, ја искористи пригодата да го промовира лифт-карот, а благодарение на НУ Завод и Музеј – Битола, на влезот беше поставена и нивната мобилна рампа, која ни ја позајмија за оваа пригода, уште еднаш докажувајќи се како општествено одговорна институција.
Меѓу присутните на промоцијата беше и д-р Ирена Ружин, која повеќе години активно придонесува за подобрувањето на пристапноста до културното наследство за лица со попречености, и е експерт во нашиот проект, како и повеќе членови на „Мобилност Битола“, членови на Здружението на слепи лица – Битола, претставници на други граѓански здруженија, како што се нашите пријатели од Центарот за човекови права „Амос“, претставници на Министерството за локална самоуправа од Антена-канцеларијата во Битола, претставници на медиумите и други добронамерни сограѓани.
Промоцијата на алатките за пристапен туризам е дел од проектот „Алтернативно туристичко искуство – Алтернативно патување“, кој „Мобилност Битола“ го имплементира во рамките на ИПА Интеррег Програмата за прекугранична соработка „Грција – Република Северна Македонија 2014-2020“, и е ко-финансиран од Европската Унија и Националните фондови на земјите учеснички. Целта на проектот е да мотивира трансформација на една територија во инклузивна и пристапна туристичка дестинација, како и да го поддржи одржливиот развој на туризмот за природното и културното наследство во прекуграничниот регион.
Фотографии: Сашо Ристевски