17/12/2022
На 17 декември 2022 година, во спортската сала на ЗИО (ЦСР-Битола), МОБИЛНОСТ Битола организираше прослава по повод 35 години од основањето на здружението. Во пријатна атмосфера, нашите членови од Битола, Демир Хисар и од Ресен, гостите од „Мобилност Скопје“ и „Мобилност Штип“, заменик-градоначалникот на Општина Битола Бојан Бојкоски, директорот на ЈП Паркинзи Горан Степановски и повеќе наши пријатели и поддржувачи се присетија на изодениот пат во изминатите три и пол децении, како и за активностите во рамките на нашиот проект „Алтернативно туристичко искуство – алтернативно патување“, што се имплементира како дел од ИПА Интеррег Програмата за прекугранична соработка со Грција 2014-2020 и е кофинансиран од Европската Унија и Националните фондови на земјите учеснички.
По краткиот вовед и ретроспективата од досегашните активности од страна на претседателот прим. д-р Нико Јанков, повеќе детали за тековниот проект сподели проектната менаџерка Ивона Јанкова. Како што кажува и самото име, целта на проектот е да мотивира трансформација на прекуграничниот регион во пристапна туристичка дестинација, бидејќи побарувачката за пристапен туризам постојано се зголемува, а потенцијалот го имаме и тука, само треба да го искористиме.
Во досегашниот тек на проектот, изработени се три студии за легислативата и законските обврски за пристапност, фактичката состојба на терен во Пелагонискиот регион и за насоките како да се надминат бариерите за сите лица со попречености. Секако дека тука клучна улога игра и технологијата, особено помошната технологија, чија корист ја гледаме секојдневно сите, но заради недоволен интерес, недоволни информации и високата цена на ИКТ алатките, тие во голема мера ни остануваат недостапни. Токму затоа, работата на вакви проекти и финансиската поддршка што доаѓа со нив, е од особено значење за нашето здружение, бидејќи само така побрзо ќе стигнеме до целта.
Со овој проект, кој е пилот-проект и претставува одлична основа за понатамошен развој, ние направивме еден мал чекор кон подобрување на пристапноста до културното наследство со туристичката сигналитика за 10 најзначајни културно-историски споменици во Битола, кои се веќе предадени на Општина Битола и ќе бидат поставени пред: Хераклеја, НУ Завод и музеј, Офицерски дом, Кино Манаки, Католичка црква, Сатот, црквата Св. Димитрија, Исак џамија, Јени џамија и Безистенот. Секоја од овие сигналитики содржи тридимензионални слики за соодветната знаменитост и опис со Брајово писмо на македонски и на англиски јазик, но иако е првично наменета за лица со оштетен вид, ќе биде од корист за сите. На нив е поставен и QR код, кој се скенира со мобилен телефон и води до апликација – туристички водич каде што има краток опис, аудио нарација на македонски и на англиски јазик, како видео на знаковен јазик. Покрај тоа, беа изработени и печатени туристички водичи со Брајово писмо на македонски, англиски и на грчки јазик, со тактилни слики, исто така наменети за лица со оштетен вид. Промовираните ИКТ алатки за пристапен туризам, заедно со претстојните обуки за туристички работници каде што ќе биде претставен и прирачник за осмислување и оформување туристички понуди за лица со попречености, дополнително ќе ја зголеми туристичката понуда во нашиот град, но и во целиот прекуграничен регион. Нам ни останува само да продолжиме да работиме и да соработуваме особено со локалната самоуправа, бидејќи без соодветна инфраструктура како основен предуслов за пристапен туризам, ниеден град нема да биде комплетно пристапна туристичка дестинација.
На своите јубилејни прослави, „Мобилност Битола“ традиционално доделува признанија и пофалници за своите најактивни членови и за успешните соработки со своите пријатели и поддржувачи. Добитници годинава беа членовите на УО – Лидија Велјановска од Битола, Роберт Ламановски од Ресен и Олга Николовска од Демир Хисар, актуелната светска шампионка Оливера Наковска Бикова, нашиот долгогодишен пријател проф. д-р Сашо Кочанковски и Ректорот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, редовен професор на ФИКТ – Битола и претседател на одборот на ГАУС Институт – проф. д-р Игор Неделковски, чија поддршка и помош во изминатите десетина години е бесценета.
Пофалници за успешна соработка, која се надеваме ќе продолжи во исто темпо и понатаму, годинава добија: сметководственото биро „Бохемија“, МНД – Битола, нашите пријатели од „Славеј“ и „Медикус хелп“, како и универзитетските професори и поддржувачи на „Мобилност Битола“ – проф. д-р Марјанчо Танушевски и проф. д-р Душко Јошески. Нека оваа прослава биде само мал вовед во идните активности на нашето здружение, со надеж дека бројот на добронамерни сојузници и пријатели постојано ќе се зголемува, и со заеднички сили ќе успееме да реализираме што повеќе од нашите програмски и статутарни цели. Активностите продолжуваат.