01/10/2023
На 1 октомври 2023 година, со поддршка од „Мобилност Македонија“, „Мобилност Битола“ го организираше традиционалното Дефиле на Широк Сокак, на кое беа поканети и присуствуваа членови на повеќе здруженија на Сојузот, меѓу кои од Штип, Кочани, Радовиш, Велес, Гевгелија и Кавадарци. Темата и годинава беше пристапноста, односно како таа е неизоставен дел од универзалниот дизајн, а во рамките на манифестацијата беше промовиран и Прирачникот за пристапен туризам, изработен во рамките на меѓународниот проект „Алтернативно туристичко искуство – Алтернативно патување“ АЛТЕР ТРИП.
Дел од годинашното Дефиле беа и генералниот секретар на „Мобилност Македонија“, Софка Прчева, ректорот на битолскиот Универзитет „Св. Климент Охридски“ – проф. д-р Игор Неделковски, д-р Ирена Ружин и м-р Јове Парговски од НУ Завод и Музеј – Битола, и менаџерката на проектот АЛТЕР ТРИП, Ивона Јанкова. Претседателот на „Мобилност Македонија“, Бранимир Јовановски беше оправдано отсутен.
Настанот традиционално започна на плоштадот „Магнолија“, каде што учесниците дадоа изјави за повеќе локални и национални медиуми, а по дефилирањето низ Широк Сокак, во ресторанот „Корзо“ се одржа и работилница на тема „До пристапност со универзален дизајн“ и промоцијата на Прирачникот за пристапен туризам. Претседателот на „Мобилност Битола“, прим. д-р Нико Јанков ја отвори работилницата со краток осврт на универзалниот дизајн и седумте принципи по кои треба да се водат сите при осмислувањето и уредувањето на просторот и опкружувањето.
Менаџерката на проектот АЛТЕР ТРИП, претставувајќи го сработеното во изминатите две години, нагласи дека најважното што го научија сите учесници во проектот е дека туристичките работници, и јавноста воопшто, не знае што подразбира пристапноста. Показател за тоа е и непристапноста на речиси 99% од угостителските капацитети во Пелагонискиот регион. Затоа, позитивно е тоа што за трите обуки се пријавија и учествуваа над сто вработени и надлежни од разни културни институции и угостителски бизнизи од двете земји. Таа потсети дека сето она што го опфаќа туризмот е, пред сѐ, бизнис и најдобриот начин да се привлечат поголем број туристи (потрошувачи) е со примена на универзален дизајн. Најдобар пример за тоа се големите супермаркети, чиј простор е осмислен да има најмалку можни пречки и што полесен пристап до производите: голем паркинг, широк и рамен влез со врати кои се отвораат автоматски, внатре е широко, добро осветлено и јасно означено што и каде се наоѓа. Сето тоа со цел да излеземе од таму со полна количка производи.
Како туристичките дејности да станат попристапни за сите, ќе помогне Прирачникот за пристапен туризам, за што повеќе детали споделија д-р Ирена Ружин и м-р Јове Парговски, кои се автори на изданието заедно со проф. д-р Ристо Речкоски и проф. д-р Иванка Нестороска од Факултетот за туризам и угостителство – Охрид. Тие накусо ја објаснија содржината на Прирачникот, која ја опфаќа законската регулатива за овој сектор, меѓународните стандарди за пристапност, најдобрите практики од светот и кај нас, како и исто толку важната пристапност на интернет.
Проф. д-р Игор Неделковски, пак, кој е долгогодишен пријател и поддржувач на „Мобилност Битола“, ја искористи пригодата да нагласи дека токму битолскиот Универзитет е единствен во државата чиј студентски дом има соби прилагодени за лица со попреченост. Поголемиот дел од факултетите се пристапни до првиот кат, па најчесто се наоѓаат решенија испитите да се одржуваат на првите катови, додека за лифтови и други прилагодувања потребно е да се најдат начини за собирање на средства за нивна реализација.
Настанот кулминираше со дебата, во која се вклучија повеќе присутни. Нашата членка Симона Јовеска, која воедно беше и претставничка на Општина Битола, ги сподели своите искуства од патувањата, каде што пристапноста е релативно поголема од кај нас. Таа ги појасни и процедурите во општината за обезбедување пристапност и како здружението или граѓани поединци можат да достават барање за адаптација на конкретни локации.
Меѓу присутните беше и Менче Хаџи-Коста Милевска, претставничка на Центарот за култура – Битола, која учествуваше на обуките во рамките на проектот. Таа изрази задоволство што имаше можност да научи повеќе за пристапноста и тоа да го примени во работењето на оваа државна институција. Целиот објект во кој се сместени и Центарот за култура, 3Д Киното и Народниот театар – Битола, во наредниве години ќе биде темелно реконструиран и ќе биде пристапен за сите. За лица со намалена подвижност, во моментов овозможен е пристап од задниот влез, преку сцената.
Во дискусијата се вклучи и Горан Џелајков од Гевгелија, споделувајќи искуства од неговиот град, а потоа дружбата продолжи до попладневните часови. Сѐ на сѐ, и ова традиционално Дефиле помина во одлична атмосфера, со стари и нови пријатели и сојузници. Благодарност до сите кои учествуваа на оваа манифестација, и се надеваме дека заедно ќе продолжиме да се бориме за остварување на нашите програмски и статутарни цели. Активностите продолжуваат.