04/12/2023

„Мобилност Битола“ и „Мобилност Македонија“ ги одбележаа 3 и 4 Декември во Битола

По повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост – 3 Декември и Денот на лицата со телесен инвалидитет на Македонија – 4 Декември, „Мобилност Битола“ и „Мобилност Македонија“ заеднички организираа пригодна манифестација која се одржа на 3 декември 2023 година, во ресторанот „Гламур“ во Битола. На настанот присуствуваа членови на Сојузот од повеќе градови, меѓу кои: Скопје, Штип, Прилеп, Струмица, Дебар, Струга, Кочани, Куманово, Кичево, Свети Николе, Радовиш, Велес, Гевгелија, Кавадарци, Ресен, Демир Хисар и Битола, а беше проследен и од повеќе локални и национални медиуми. На самиот почеток, за медиумите изјави дадоа претседателот на „Мобилност Македонија“ – Бранимир Јовановски, претседателот на „Мобилност Битола“, прим. д-р Нико Јанков и проф. д-р Сашо Кочанковски, кој присуствуваше во улога на предавач на тематската работилница. Претседателот Јовановски, меѓу другото, нагласи дел од успесите на Националниот сојуз постигнати во 2023 година. „Како пример ќе го истакнам подобрувањето на Законот за здравствено осигурување, односно измените и дополнувањата од месец септември оваа година кога конечно успеавме и повозранисте лица, односно не само лицата до 26 години, да бидат ослободени од партиципација во примарната и секундарната здравствена услуга, како и при земање на лекарства. Ова беше битно затоа што во принцип лицата со телесен инвалидитет, и генерално лицата со инвалидност се на маргините на општеството, со ниски примања а многу почесто имаат потреба од одење на лекар заради санирање на својата здравствена кондиција, што значи овој трошок иако е до 70 проценти од минималната плата, сепак е доволен за некои семејства и затоа сметаме дека оправдана беше одлуката на Собранието да се донесат измените на Законот за здравствено осигурување. Инаку, во моментов работиме на новиот текст на Законот за градење кој е многу битен за нас бидејќи со него се решава можеби најголемиот проблем на лицата со телесен инвалидитет, а тоа е можноста за пристапност, за независно живеење, за слободно движење, можноста да влезат во институции бидејќи свесни сме дека во нашата држава има премногу скалила, премногу непремостливи архитектонски бариери и пречки, и искрено се надеваме дека вклучувањето на елементите за пристапност ќе биде основ за градба. Само така може да се реши ова прашање“, рече Јовановски. Претседателот на „Мобилност Битола“, пак, се осврна на важноста на тематските средби – работилници, кои Здружението ги организира веќе 25 години. „На сите овие средби се обработуваше одредена тема која е од интерес на лицата со инвалидност, посебно на лицата со телесен инвалидитет. Оваа година, имавме 3 такви работилници. Првата беше за категоризација и рекатегоризација на лицата со инвалидност, со патот кон реализација на законските можности за подобрување на севкупното живеење. Втората тема беше за пристапноста со универзален дизајн, како можност во иднина сѐ што се гради и се поправа, да биде употребливо и пристапно за сите. Посебен акцент на оваа работилница беше даден на меѓународниот проект на ‘Мобилност Битола’ – ‘Алтер трип’ – и прирачникот за пристапен туризам изработен во негови рамки. Оваа трета работилница, во склоп на манифестацијата за Денот на лицата со телесен инвалидитет на Република Северна Македонија – 4 декември, е на тема менталното здравје кај лицата со инвалидност. Оваа тематика е многу важна, особено за одржување на рамнотежата на личноста во однос на надворешната средина, или хармонична благосостојба“, објасни прим. д-р Јанков. Подетално за важноста на менталното здравје зборуваше проф. д-р Сашо Кочанковски, долгогодишен пријател и поддржувач на „Мобилност Битола“. „Менталната благосостојба како дел од целокупното здравје е многу важна бидејќи тоа е основно човеково право. За жал, сѐ уште треба да се работи за надминување на повеќе проблеми, пред сѐ, на стигматизирањето на телесната попреченост, да се почитуваат човековите права на лицата со телесна попреченост и да не се чувствуваат дискриминирано. Лицата со телесен инвалидитет имаат потреба од социјално вклучување, наспроти социјално исклучување кое предизвикува незадоволство, фрустрираност, анксиозност, стрес и други проблеми. Посебен проблем е изолацијата и осаменоста кои влијаат врз чувството на самодоверба, и затоа ние помагаме да ја зајакнеме и охрабриме секоја личност со телесен инвалидитет“, истакна универзитетскиот професор и предавач на работилницата. Манифестацијата беше збогатена со настап на КУД „Илинден“ – Битола, под раковоство на Никола Ангелковски. Со зурли и тапани, младите играорци и музичари ги воодушевија присутните изведувајќи сплет од традиционални игри и ора. За нивниот превоз се погрижија нашите пријатели од ТА „Миг Травел“. Ниеден настан на „Мобилност Битола“ не би бил целосен без творештвото на своите членови, па присутните на оваа манифестација беа почестени и со поетско читање од нашите уметници Билјана Тодоровска од Битола, Сотир Чаушевски од Ресен и Кире Огненовски од Демир Хисар. Во рамките на тематската работилница се разви и богата дискусија, во која учествуваа членови од повеќе здруженија, а пријатната атмосфера продолжи до попладневните часови. Сѐ на сѐ, оваа манифестација беше уште еден во низата успешни настани за оваа година, и се надеваме дека и понатаму ќе продолжиме со ист интензитет. Активностите продолжуваат.