24/12/2023
На 24 декември 2023 година, во претпладневните часови во ресторанот „Корзо“ во Битола, „Мобилност Битола“ организираше двојна прослава по повод 36 години од основањето на Здружението и по повод претстојните новогодишни и божиќни празници. За таа пригода, покрај воведната презентација што се задржа најмногу на активностите во 2023 година, како и на пораките од минатото кон целите и перспективите за иднината, присутните преку видео-колаж се присетија на достигнувањата и најзначајните моменти во изминатите 36 години. Видеото остави длабок впечаток кај 53-те гости, меѓу кои членови на „Мобилност Битола“ од Битола и од Демир Хисар (Ресенчани беа оправдано отсутни), нашите традиционални гости во последниве триесетина година – „Мобилност Штип“, како и нашите долгогодишни пријатели и поддржувачи проф. д-р Игор Неделковски, ректор на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола и м-р Весна Неделковска од „ГАУС Институт“, Катерина Ѕвездаковска од ортопедската куќа „Славеј“ и адвокатот Александар Танчевски – Ѓуш. По повод годишнината од основањето, „Мобилност Битола“ додели и признанија и пофалници за своите најактивни членови и соработници. Така, пофалници за зголемена активност добија нашите членови: Биљана Тодоровска од Битола, Сотир Чаушевски од Ресен, Кире Огненовски од Демир Хисар, Стеван Цветановски од Битола, Дарко Спировски од Битола, Горан Димчевски од Демир Хисар и нашите најнови пријатели ТА „МИГ Травел“ од Битола, додека признанија им беа доделени на: Градоначалникот на Општина Битола – прим. д-р Тони Коњановски, нашиот секретар Митко Фидановски, членовите на УО – Кире Ангелковски, Фанче Георгиевска и Сотир Јоновски, менаџерката на меѓународниот проект „Алтер трип“ – Ивона Јанкова и дизајнерот на сите наши плакати, летоци, презентации и на нашата веб-страна (на 4 јазици: македонски, англиски, француски и грчки) – Горан Талевски. Признание доби и „Мобилност Штип“, за активна соработка и поддршка. Прославата потоа продолжи со предновогодишна забава, со музика во живо од Менде и Јасмина од „Носталгија бенд“, а на забавата со игра, ора и насмевски се придружија и инвалидските пензионери. Се надеваме дека позитивното расположение од оваа прослава ќе продолжи и во Новата 2024 година. На сите наши членови, сограѓани и граѓани на Република С. Македонија им посакуваме добро здравје, среќа и бериќет во годината што ни доаѓа, и со заеднички сили да продолжиме да ги остваруваме нашите програмски и статутарни цели, за подобар живот за сите! Среќни празници, ви посакува „Мобилност Битола“.