30/03/2023

Проект „Алтер трип“, прва обука во Солун

На 30 и 31 март 2023 година, во Солун беше организирана и успешно реализирана првата од трите обуки во рамките на проектот „Алтер трип“, овој пат во организација на водечкиот партнер од Грција – Институтот за истражување и развој на изложби и бизниси (ИЕЕ). Обуката се одржа во просториите на солунскиот саем „Хелекспо“, а е наменета за туристички работници и засегнати страни во туристичкиот сектор. На настанот, од наша страна присуствуваа претседателот прим. д-р Нико Јанков, проектниот менаџер Ивона Јанкова и членката на УО, организатор на настани и преведувач од и на грчки јазик – Фанче Георгиевска, заедно со уште 17 туристички работници и претставници на релевантни институции, како што се Општина Битола, НУ Завод и Музеј – Битола, угостителски и сместувачки бизниси, туристички агенции, туристички водичи итн., а за организацијата беше задолжена агенцијата МИГ Травел од Битола.

Во присуство на четириесетина претставници на туристички чинители од двете држави, претставниците на трите партнери во проектот „Алтер трип“ – директорката на водечкиот партнер ИЕЕ, Вики Далкрани и проектните менаџери на грчкото Министерство за внатрешни работи (сектор Македонија и Тракија) и на „Мобилност Битола“, Јоанис Коѕијамбасис и Ивона Јанкова - ги воведоа присутните во проблематиката што ја третираме изминативе речиси две години и колку е значаен придонесот за двете земји, и тоа од повеќе аспекти. Што е уште поважно, самата организација и реализација на нашето патување беше практичен пример за важноста на пристапниот туризам – од пристапен превоз до пристапно сместување и пристапна инфраструктура за непречено движење.

Во првиот дел од обуката, збор имаа експертите на водечкиот партнер – д-р Димитрис Куркуридис и д-р Асименја Салепаки – кои се осврнаа на законската рамка и законските обврски во однос на пристапноста во Грција, како и фактичката состојба на терен, а од особено значење беше и излагањето на м-р Симона Јовеска, претставничка на Општина Битола и членка на „Мобилност Битола“, која споделувајќи го своето искуство и предизвици при планирањето на своите патувања, го даде најпотребниот одговор што сите требаше да го слушнат. Во вториот дел, проектниот менаџер Ивона Јанкова го презентираше досега сработеното во рамките на проектот – тактилната туристичка сигналитика, печатениот туристички водич со брајово писмо и дигиталната апликација, а особено нагласи дека што и да се презема во поглед на пристапноста, најважно е да се консултираат организациите на лица со попреченост, кои не само што ќе им дадат насоки и повратни информации и за најситните детали, туку и ќе ги промовираат како пристапни и достапни дејности, чии врати се отворени за сите. Потоа следеше и дискусија, каде што дел од учесниците ги споделија своите искуства и планови за подобрување на пристапноста во нивните бизниси, што секако дека е за поздрав.

Сѐ на сѐ, едно успешно и солидно претставување, за што добивме и јавно признание од партнерите. Организацијата за сместување и патување беше беспрекорна, за што изразуваме благодарност на МИГ Травел и се надеваме дека ова искуство беше поучно за сите учесници и дека наученото ќе вроди со плод и ќе биде пример и поттик за останатите дејности да ја подобрат својата пристапност. Активностите продолжуваат.