16/05/2023

Проект „Алтер трип“: Втора обука во Солун

По првата успешно реализирана обука во организација на водечкиот партнер што се одржа на 30 и 31 март во Солун, на 15 и 16 мај 2023 година „Мобилност Битола“ и група туристички работници од нашата држава учествуваа на втората обука, овој пат во организација на вториот партнер во проектот – Министерството за внатрешни работи (Сектор Македонија и Тракија) од Грција. Обуката се одржа во хотелот „Медитеранеан Палас“, каде што учесниците од двете земји имаа можност да се информираат за Европската стратегија за правата на лицата со попреченост 2021-2030 и пристапниот туризам како клучен фактор во развојот и одржливоста на туризмот. Особено интересна беше презентацијата на градежниот инженер и експерт за пристапност, д-р Панајотис Цалис, археологот и византинолог д-р Константинос Раптис и д-р Спирос Авдимиотис од Меѓународниот Универзитет во Солун. Тие ја претставија својата работа во подобрувањето на пристапноста на културното наследство во Солун, особено црквата Св. Димитрија, а се осврнаа и на законските регулативи за интервенции кај културните споменици што овозможуваат пристапност, кои се речиси идентични со нашите. Вториот дел од обуката, на д-р Авдимиотис му се придружи колешката Атина Мурадиду, како и Григорис Тулиас, маркетинг директор на Солунската Туристичка Организација. Тој ја нагласи важноста на правилното и реално рекламирање на пристапниот туризам, односно информираноста на самите туристички чинители за пристапноста во нивните бизниси и институции, како и достапноста на точни и веродостојни информации за нивните производи и услуги. Интересен беше и податокот дека во Солун има филмски фестивал за лица со попреченост, особено за лица со оштетен вид и оштетен слух, и начинот на којшто филмовите може да се прилагодат за соодветната публика – со нарации за дејствијата што се случуваат кога нема дијалог меѓу ликовите, или со текстуален опис на звуци што се случуваат за време на дејството. Овој податок беше особено корисен за нашите учесници и претставници на културни институции, како што се Центарот за култура – Битола, Народниот Театар – Битола и Културно Информативниот Центар – Битола (Офицерски и Кино Манаки), каде што се реализираат разни културни настани. Имајќи предвид дека со овој проект „Мобилност Битола“ го опфаќа целиот Пелагониски регион, се погриживме да опфатиме учесници од цела Пелагонија, така што меѓу нив беа и директорката на Спомен-куќата на Тоше Проески од Крушево – Лефкија Гажоска, Александар Цветкоски од Музејот за тутун од Прилеп, Викторија Велкова од хотелот „Мејбери“ во Претор, како и претставничка на АГТИС (Асоцијација за граѓанска толеранција и соработка) од Прилеп, која го снимаше настанот и објави прилог на нивната платформа (линк: https://otv.mk/alternativno-turistichko-iskustvo-alternativno-patuvanje/?fbclid=IwAR1dTULsxPdWsOJ_x-qmj51Dh0RYGC4oE5zAMZEFx4AwRtYOup3WDoPbmec). Двете успешно реализирани обуки се само вовед во третата и последна обука што ќе се одржи на 7 јуни 2023 во Битола, каде што ќе имаме 4 експерти кои ќе говорат за 4 аспекти на пристапноста во туристичкиот сектор. На обуката ќе претходат и двата инфо-денови во Ресен и во Прилеп, каде што присутните ќе се информираат за сработеното во проектот и перспективите за подобрување на пристапноста во туризмот. Активностите продолжуваат.