25/05/2023

Проект „Алтер трип“: Инфо денови во Ресен и во Прилеп

На 25 и 26 мај 2023, „Мобилност Битола“ организираше два инфо денови за проектот „Алтернативно туристичко искуство – алтернативно патување“ АЛТЕР ТРИП, кои се одржаа во два града од Пелагонискиот регион – Ресен и Прилеп. Секако дека Ресен беше одбран заради фактот што здружението има свои активни членови и простории во овој град, а Прилеп како вториот најголем град во овој регион. Според планот за работа, за организацијата на инфо деновите беше задолжена агенцијата „Миг Травел“ од Битола, која обезбеди локација, техничка поддршка и кетеринг, како и превоз за 20, односно 40 учесници од Битола (по 20 за секој инфо ден), а по 20 учесници беа поканети од двата града. Меѓу поканетите секако дека беа и претставници на локалната самоуправа и културни институции, како и туристички работници од угостителскиот сектор, но и членови на здруженија на лица со попреченост. Презентер на двата настани беше проектната менаџерка Ивона Јанкова, која детално ги образложи резултатите од сработеното во рамките на проектот, вклучувајќи ја законската регулатива и подзаконските акти кои се однесуваат на пристапност, како и изработените алатки за пристапен туризам – тактилната сигналитика, печатените туристички водичи со Брајово писмо и дигиталниот туристички водич со аудио нарација и нарација на знаковен јазик. Во Ресен, меѓу присутните беше и Весна Софронијевска, членка на Здружението на слепи лица – Битола, потоа Крсте Мицалевски, раководител на Одделението за локален економски развој и прекугранична соработка во Општина Ресен, медицински лица од Здравствен дом – Ресен и членови на „Мобилност Битола“ од Битола и од Ресен. Во Прилеп, за жал, не присуствуваше ниту еден претставник на локалната самоуправа, ниту од „Мобилност Прилеп“. Како претставничка на АГТИС, учествуваше д-р Паре Зареска, археолог, како и проф. д-р Душко Јошески од Фактултетот за туризам и бизнис логистика при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, кој во дискусијата сподели дека пристапноста ретко се зема предвид при креирањето на туристички стратегии. Сѐ на сѐ, двата настани беа доста информативни и се надеваме дека сите учесници ќе го споделат и применат наученото, а ќе знаат и каде да се обратат доколку им треба совет или помош. Активностите продолжуваат.