02/06/2023
Проектот „Алтернативно туристичко искуство – алтернативно патување“ е прекуграничен проект, па така активностите се одвиваат паралелно на двете страни од границата. Додека „Мобилност Битола“ ги организираше инфо деновите во Прилеп и во Ресен, нашите грчки партнери организираа исти настани во Гуменџа и во Лерин. Имајќи предвид дека Лерин е доста блиску до Битола, тимот на „Мобилност Битола“ беше поканет да присуствува и учествува на овој инфо ден, кој се одржа на 2 јуни 2023 во хотелот „Лингос“ во центарот на градот. Бидејќи целиот настан беше на грчки јазик, најважната членка во нашата делегација беше Фанче Георгиевска, која течно го говори грчкиот јазик. Таа ја искористи пригодата да ги поздрави присутните и да ја нагласи важноста на пристапниот туризам во прекуграничниот регион, а даде и изјава за локалната телевизија што го следеше настанот. Нашата поддршка сигурно им е од големо значење на нашите партнери, што воедно придонесува и за зголемена соработка меѓу двете земји. Активностите продолжуваат.