07/06/2023
На 7 јуни 2023 година, во ресторанот „Корзо“ во Битола се одржа третата и последна обука за туристички чинители во рамките на проектот „Алтернативно туристичко искуство – алтернативно патување“ АЛТЕР ТРИП, во организација на „Мобилност Битола“. Педесетина учесници од двете земји имаа можност да научат за повеќе аспекти на пристапниот туризам, благодарение на четирите експерти од Здружението за социо-културен развој „Веритас“ од Битола: проф. д-р Иванка Нестороска и проф. д-р Ристо Речкоски од Факултетот за туризам и угостителство – Охрид при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола и д-р Ирена Ружин и м-р Јове Парговски од НУ Завод и Музеј – Битола. Модератор на настанот беше проектната менаџерка Ивона Јанкова. Д-р Нестороска ја започна обуката со презентација за пристапен туризам, објаснувајќи што сѐ подразбира пристапниот туризам, зошто е важен за одржливиот развој на оваа важна економска гранка, и кои се најдобрите практики од светот, но и од регионот што може да се применат и кај нас. Д-р Речкоски, пак, детално се осврна на правните аспекти за пристапниот туризам, правејќи пресек на меѓународните стандарди, европската и македонската легислатива, нашите закони и подзаконски акти. Особено важна и интересна беше и презентацијата на м-р Парговски, експерт за дигитализација на културното наследство, кој обработи клучна тема од денешното дигитално општество – веб пристапноста и како до подобра пристапност на веб страниците и онлајн содржините. Овој дел од обуката беше и практичен, бидејќи со отпечатените презентации и со скенирање на QR кодови, учесниците самите може да проверат дали нивните веб страни се пристапни и да видат на што треба да обрнат внимание и како самите можат да ги поправат недостатоците. Последната презентација на д-р Ружин ја опфати пристапноста на културното наследство и бројните можности и добри практики кои веќе се применуваат кај нас, како што се тактилните изложби, аудио и видео нарации на знаковен јазик за изложените експонати. Таа ја демонстрираше и употребата на ИКТ алатките, каде што со скенирање на QR кодови и NFC тагови, лице со оштетен вид или оштетен слух ќе биде директно поврзано со аудио или видео содржина со опис за дадениот предмет. На истиот начин фунционира и тактилната сигналитика и туристичкиот водич изработени во рамките на проектот „Алтер трип“, со што Битола стана првиот град во регионот со пристапна туристичка понуда на ниво на град. Настанот беше проследен и од повеќе локални и национални медиуми, вклучувајќи ги МИА и МРТ, чиј прилог се емитуваше во ударен термин во Дневникот на првата програма. Оваа обука практично беше завршница за активностите на „Мобилност Битола“, и за реализација останува уште завршната конференција на 20 јуни 2023 во Солун. Активностите продолжуваат.