20/06/2023

Проект „Алтер трип“: Завршна конференција во Солун

На 19 и 20 јуни 2023 година, тимот на „Мобилност Битола“ составен од претседателот прим. д-р Нико Јанков, проектната менаџерка Ивона Јанкова и проф. д-р Игор Неделковски, Ректор на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, претседател на одборот на Гаус Институт – Битола, експерт за информациски технологии и вонреден член на „Мобилност Битола“, учествуваше на завршната конференција за проектот „Алтернативно туристичко искуство – алтернативно патување“ во Солун. Настанот се одржа во конгресниот центар „Јоанис Велидис“ во солунскиот саем „Хелекспо“, каде што претставниците на трите партнери го претставија сработеното во изминатите речиси две години. Присутните ги поздрави проектниот службеник од Заедничкиот Секретаријат на ИПА Интеррег Програмата за прекуграничка соработка „Грција – Република Северна Македонија 2014-2020“ – Жупан Мартиновски, кој посочи дека токму нашиот проект е единствениот во целата програма кој успешно и навремено ги реализираше сите активности. По поздравниот говор, трите партнери продолжија со претставување на сработеното во текот на проектот. Претставничката на водечкиот партнер – Институтот за истражување и развој на бизниси и изложби (ИЕЕ) – Марита Папајани и проектните менаџери на грчкото Министерство за внатрешни работи (Сектор Македонија и Тракија) и „Мобилност Битола“ – Јоанис Коѕијамбасис и Ивона Јанкова направија краток пресек на реализираните активности, а повеќе време беше одвоено за експертите кои детално ги образложија изработените алатки и пилот-проекти за пристапен туризам. Консултантот на водечкиот партнер, Спирос Хиотерис, ја претстави апликацијата за пристапен туризам во Солун, каде што корисниците може да ги пронајдат 10 пристапни туристички локации во градот, како и сите пристапни рути кои водат до нив. Експертот на вториот партнер, пак, ја демонстрираше употребата на платформата на проектот, каде што се мапирани сите пристапни туристички атракции и угостителски објекти во прекуграничниот регион, секоја локација оценета според степенот на пристапност за лица со телесна попреченост, лица со оштетен вид и со оштетен слух. Експертот на „Мобилност Битола“, д-р Неделковски објасни како функционираат алатките изработени во Битола: тактилната сигналитика за 10 најзначајни туристички споменици во Битола, печатен туристички водич со Брајово писмо на македонски, англиски и на грчки јазик и самоводечката тура – апликација со аудио и видео нарација на знаковен јазик. Бидејќи тактилната сигналитика е голема и тешка, изработена од не’рѓосувачки челик, за потребите на конференцијата беше испечатен постер со сигналитиката во природна големина, а со QR кодот присутните можеа да ја тестираат апликацијата и да видат како тоа функционира. Интересно е тоа што, бидејќи нашиот проект е единствениот во програмата што успешно ја заврши имплементацијата, проектниот службеник предложи да побараме продолжување на проектот и да реализираме уште активности кои дополнително би го промовирале пристапниот туризам во регионот. По договор со партнерите, веќе се размислува за таа идеја, а потенцијалното барање за продолжување треба да го одобрат во Атина. Каква и да е одлуката, „Мобилност Битола“ се покажа дека е достоен партнер во спроведувањето и имплементацијата на прекугранични проекти, и се надеваме дека во иднина ќе добиеме уште една шанса за нов проект. Активностите продолжуваат.