28/07/2023
На 28 јули 2023, со почеток од 19.30 часот, во просториите на „Мобилност Битола“ се одржа средба со претставници на АТО – Центарот за современа култура и уметност од Битола.
Поводот за средбата беше новата театарска претстава што ја подготвува АТО-Центарот, а која ќе ги третира животните искуства и предизвици на маргинализирани групи на граѓани и нивните секојдневни проблеми во нашето општество, изразени преку театарска игра.
Имено, АТО – Центарот постигна значителен успех со претставата „Улаф сте?“, каде што актерите го прикажаа животот на глувата заедница во нашата земја, воедно поттикнувајќи ги институциите, меѓу другото, конечно да го стандардизираат македонскиот знаковен јазик. Оваа претстава, воедно и прва на македонски знаковен јазик во нашата земја, беше одиграна во повеќе градови, а ја гледаа и претставници на релевантни министерства и институции, како и Претседателот на државата, Стево Пендаровски.
Поттикнати од успехот на „Улаф сте?“, режисерот и основач на АТО-Центарот Јован Ристовски и драматургот Весна Куслеска, подготвуваат претстава што ќе ги прикаже проблемите и на други маргинализирани групи на наши сограѓани, вклучувајќи ги и лицата со телесен инвалидитет. Подготовката за овој документарен вид на театар се одвива со разговори лице в лице со целните групи, прибирајќи податоци од нивните животни искуства, и врз основа на нив ќе се создаде сценариото и приказните што ќе ги раскажат во претставата.
Во текот на речиси тричасовната средба, членовите на „Мобилност Битола“ од Битола, од Демир Хисар и од Ресен, споделија лични приказни од своето секојневие. Од раното детство, училишните денови, пристапот до високото образование, искуства со вработување и на работното место, здравството, до дискриминацијата со која се соочуваат речиси секаде каде што (можат да) одат.
Ваквите приказни раскажани во контекст на една театарска претстава имаат потенцијал да влијаат врз публиката на поинаков начин, прикажувајќи ги ликовите во една комплексна, човечка димензија.