15/09/2023
На 15 септември 2023 година, во ресторанот „Две лири“ во Ресен се одржа работилница на тема распоредување (категоризација) на лицата со инвалидност. Во соработка со ЈЗУ Здравствен дом – Ресен, а најмногу со директорката д-р Сања Андоновска, ги договоривме деталите за оваа значајна средба. Во подготовките за работилницата, покрај претседателот на Мобилност Битола – прим. д-р Нико Јанков – кој повеќе од 30 години бил член на комисија, беше ангажиран и проф. д-р Сашо Кочанковски, експерт за оваа проблематика и за човекови права, како и член на комисија практично речиси четири децении. На оваа средба беше поканет и претседателот на Мобилност Македонија, Бранимир Јовановски, кој има темелно искуство во операционализацијата на идеите и потребите на лицата со инвалидност на највисоко ниво на државата.
Основната цел е да се согледа социјално-медицинскиот наспроти функционалниот модел на распоредувањето (категоризацијата) и првичните искуства во овој домен, вклучително и размислувањата на присутните – доктори, психолози, специјални едукатори (дефектолози), социјални работници и наставници при процесот на воведување и успешноста на терен. На присутните им беа појаснети терминолошките дилеми кои се среќаваат и одомаќинуваат.
Со воведот, претседателот на Мобилност Битола ги упати присутните во суштината на нашите заложби за успешно и целисходно распоредување и пожелна рекатегоризација – прераспоредување во разумен рок, правовремено и целисходно. Проф. Кочанковски детално и преку споредбен пристап на Правилникот, ги објасни терминолошките и други дилеми кои стојат на патот на реализацијата. Претседателот на Мобилност Македонија се осврна на моменти во прераспоредувањето на највисоко ниво и за неопходноста за заедничко делување на сите нивоа.
На работилницата учествуваа членови на Мобилност Битола од Битола и од Ресен, медицински лица, социјални работници и наставници, на кои им беа доделени и сертификати за учество. За жал, и покрај поканата и директното залагање, на работилницата немаше претставници од локалната самоуправа од Ресен. Локалната самоуправа е најзначајна алка во функционирањето на процесот на инклузија на распоредување и понатамошниот тек на нивната животна патека.
Се надеваме дека оваа работилница беше продуктивна и дека ќе пополни место во процесот на имплементација на добри практики на здруженијата на лица со инвалидност (попреченост) на животниот пат кон остварување на стратешките и програмски цели кои ги имаат зацртано.