17/09/2023

Традиционален излет на Мобилност Битола

На 17 септември 2023 година, Мобилност Битола успешно го реализираше традиционалниот излет за своите членови од Битола, Демир Хисар и од Ресен. Годинава за првпат беше обезбеден пристапен превоз, со адаптиран автобус од агенцијата „МИГ Травел“ од Битола, во чиј возен парк за меѓуградски сообраќај има голем број пристапни автобуси со вградена платформа за количка, што значително го олесни патувањето за дел од нашите членови.

Дестинацијата годинава беше Крушево, каде што членовите имаа можност да посетат неколку знаменитости. Првата станица беше манастирот Св. Преображение, познат како вториот дом на легендарниот Тоше Проески, за кого љубезните домаќини раскажаа дека го посетувал уште од детството, а подоцна учествувал во неговото возобновување. Турата потоа продолжи кон Крушевскиот крст, висок 33 метри, исто така изграден по идеја на Тоше, каде што присутните уживаа во прекрасната панорама и чистиот планински воздух.

Потоа, екипата се упати кон Спомен куќата на Тоше Проески, која е еден од најпристапните културни објекти во земјава, а најпристапен во Пелагонискиот регион, според резултатите од нашиот проект „Алтер трип“. Како што нѐ информираа вработените, музејот наскоро ќе стане уште попристапен за лицата со попречености, односно ќе бидат претставени и тактилни поставки кои уште повеќе ќе им го приближат Тоше на лицата со оштетен вид. Согласно закон, влезот во сите музеи за лицата со попреченост е бесплатен, а турата низ богатото наследство на Тоше ја водеше кустосот Надица Талеска.

Последниот дел од излетот беше поетското читање од нашите членови Билјана Тодоровска од Битола, Кире Огненовски од Демир Хисар и Сотир Чаушевски од Ресен, на кои им се придружи и малата Михаела Стефановска. Организаторот обезбеди и лесен ручек, сендвич и пијалок, а пред самиот крај, дел од членовите го посетија и гробот на Тоше. Убавото и сончево време се задржа речиси до самиот крај, кога нѐ испратија првите капки дожд.