06/01/2024

МИА за активностите на „Мобилност Битола“

Македонската информативна агенција – или накусо МИА – преку своите дописници редовно ги следи и известува за настаните на „Мобилност Битола“. Непосредно пред крајот на 2023 година, МИА известуваше за прославата за одбележување на Меѓународниот ден на лица со попреченост – 3 декември и на Националниот ден на лицата со телесен инвалидитет, односно на „Мобилност Македонија“ – 4 декември, која се одржа во Битола. Заради бројните новости и активности на „Мобилност Битола“, уредниците ја препознаа потребата од континуирана промоција и поддршка на нашите програмски и статутарни цели, и одлучија разговорот на нивниот дописник проф. д-р Марјан Танушевски со претседателот прим. д-р Нико Јанков да го објават во проширена форма на почетокот на годинава. Акцентот беше ставен и на постигнатото во минатите 36 години, а особено во текот на 2023, но и на плановите за новата 2024. -Лицата со инвалидност се еднакви граѓани во овој град и држава. Сите сакаат да ги уживаат сите права, да живеат среќни во заедницата, а за да тоа биде така тука сме ние од „Мобилност Битола“, кои ги вложуваме нашите знаења и искуства за да помогнеме. Впрочем тоа го потврдуваат активностите реализирани во текот на целата мината година бидејќи нашата програма е континуирана. Потсетувајќи се на најважните настани што ги одржавме во 2023 година, тогаш не можам, а да не потсетам на пријатни и работни средби што се одржаа во Битола, Прилеп, Ресен, но и во соседен Лерин и Солун во Грција, и секако големиот саем за туризам во Барселона. Сите настани беа во функција на лицата со телесен инвалидитет и притоа одржавме три работилници на три теми посветени на менталното здравје, пристапност и користење на туристичка понуда за лица со инвалидитет, и тема посветена за категоризација на лицата со инвалидност. Оваа тема е посебно важна затоа што во текот на животот лицата со инвалидност подлежат на распоредување (категоризација), но и на прераспоредување заради промена на здравствената состојба. Кај нив вообичаено состојбата е иста или влошена, а со интервенции може и да се подобри. Но, со распоредувањето лицата ќе може да се рехабилитираат, но и хабилитираат, односно да се вработуваат и да користат повеќе поволности од и во заедницата, рече претседателот на „Мобилност Битола“ за МИА. -Во 2023 година го завршивме меѓународниот проект „Алтернативно туристичко искуство – алтернативно патување“ (Алтер трип), имплементиран во рамките на ИПА Интеррег Програмата за прекугранична соработка со Грција (2014-2020) и ко-финансиран од Европската Унија и националните фондови на земјите учеснички. Овој проект е наменет, пред сѐ, за подобрување на пристапноста во туристичкиот и културниот сектор, а воедно отвори пат или патоказ за тоа како во соработка со институциите на системот да овозможиме пристапност до разни објекти, но и да го збогатиме животот на лицата со инвалидност. Притоа не мислам само на лицата со физичка инвалидност, туку и на лицата со пречки во видот, слепи и слабовидни лица, лица со оштетен слух или глуви лица, дополни тој. Посебен мотив за нас се новите социјални услуги и социјална заштита, како и новите законски решенија, посебно во Законот за градба, за кој поддршка има и од Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет „Мобилност Македонија“. - Подобрувањето на Законот за здравствено осигурување, односно измените и дополнувањата од месец септември минатата година овозможи и повозранисте лица, односно не само лицата до 26 години, да бидат ослободени од партиципација во примарната и секундарната здравствена услуга, како и при земање на лекарства. Во „рацете“ на пратениците се и измените на Законот за градење кој е многу битен за нас бидејќи со него се решава можеби најголемиот проблем на лицата со телесен инвалидитет, а тоа е можноста за пристапност, за независно живеење, за слободно движење, можноста да влезат во институции бидејќи свесни сме дека во нашата држава има премногу скалила, премногу непремостливи архитектонски бариери и пречки. Тоа го воочивме низ нашите истражувања, а во рамки на проектот „Алтер трип“ кој во месец март минатата година го претставивме на меѓународниот саем за туризам „Б-травел“ во Барселона. Имено, заедно со нашите партнери од Грција бевме во Барселона, учествувавме на голем настан, ја посетивме Италијанската трговска комора во Барцелона и споделивме искуства со добри практики од нашите земји. На саемот, нашиот штанд беше посетен од бројни посетители од целиот свет, а дел од нив најавија посета на нашиот град во кој токму ние овозможивме подобрување на условите за туризам кој ќе го користат лица со инвалидитет. Се поврзавме со туристички организации, туристички работници кои се непроценливи за нашето етаблирање на меѓународниот простор како респектабилен партнер и одговорен организатор и реализатор на настани и програми, нагласи Јанков. Додава дека саакат во 2024 година да имаат подобрена и зголемена комуникација со институциите на системот на локално и национално ниво, како и поддршка од новинарите. Можеби, посочува Јанков, не секогаш проблемите се видливи на втор поглед, но секогаш треба да излегуваат на виделина. - Што помалку пречки, толку поголема слобода за движење. Веруваме дека ќе се подобри културата на однесување и пристап во решавањето на проблемите за да не се случува постојано да повторуваме дека ни се потребни паркинзи, рамни влезови, осветлени и означени места, лифтови... Што им е потребно на лицата со телесен инвалидитет е напишано во меѓународни и/или домашни нормативи, и единствено што треба да се направи е примена во пракса на тие документи. Во меѓувреме, ние ќе продолжиме да ги поддржуваме новите здруженија кои се формираат за да помагаат на лицата со телесен инвалидитет, како што на пример е Здружението „Иднина на традицијата“ на лица со инвалидитет и попреченост од Ресен кои минатата година ја одбележаа првата година од постоењето, а ние во знак на почит и желба за соработка со нив потпишавме Меморандум, заклучи примариус д-р Нико Јанков, претседател на „Мобилност Битола“.