07/04/2026

„Мобилност Битола“ на еко-работилница „Втор живот на предметите“

„Втор живот на предметите“ е мотото на еко-работилницата која на 7 април се одржа во просториите на „Мобилност Битола“, а во организација на Марија Мисирлиевска Мијоска, со менторска поддршка од Симона Јовеска, како дел од проектот „ЗЗЗ – Заеднички за зелено застапување за заштита на животната средина“, финансиран од Амбасадата на Швајцарија, преку програмата „Цивика мобилитас“, а реализиран од Центар за младински активизам КРИК, Центар за социјални иницијативи „Надеж“ и Здружение на социјални работници на Македонија – ЗСРМ. Настанот дополнително ја збогати иницијативата на нашите членови и пријатели креативци, кои секоја недела се собираат во просториите на здружението на редовните работилници за плетење со чингелаќе. Со користење на волница, пластика, дрво, картон и текстил, учесниците изработија уникатни и функционални предмети. Процесот не беше само креативен, туку и едукативен – поттикнувајќи размислување за повторна употреба, намалување на отпадот и одговорен однос кон животната средина. Ваквите настани и иницијативи се секогаш добредојдени, особено заради нивниот придонес за поголема вклученост и видливост, не само на нашите членови, туку и на сите лица со попреченост. Се надеваме дека во иднина ќе ги има во уште поголем број. Активностите продолжуваат.